Фесер: Германија подготвена да прифати дезертери од руската армија кои се изложени на ризик


Германија е подготвена да прифати дезертери од руската армија кои се изложени на ризик од сериозни репресии, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Оној кој храбро му се спротивставува на Путин и на тој начин се става во голема опасност може да побара политички азил во Германија“, рече Фесер.

Германскиот министер за правда Марко Бушман вчера даде слична изјава на Твитер. „Секој кој го мрази патот избран од Путин и ја сака либералната демократија е добредојден во Германија“, напиша Бушман.

Сепак, добивањето политички азил не е автоматски процес. Станува збор за поединечни решенија кои се поврзани со безбедносни проверки, потсети денеска министерката за внатрешни работи.

„Германија за неколку месеци прими 438 противници на Кремљ кои се заплашени или прогонувани од руските власти, посочи Фесер, додавајќи дека меѓу нив особено има новинари.