Ферати-Палминтери: Продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на европските фондови, економијата и образованието
Министерот Агон Ферати оствари средба со амбасадорот на Италија во земјава, Паоло Палминтери. Се разговараше за преструктуирањето на Министерството и за зајакнувањето на институционалните капацитети, со фокус на формирањето на сектор за меѓународна соработка и европски фондови. Во таа насока, амбасадорот ја потврди подготвеноста на Италија да го поддржи обучувањето на административниот кадар за управување со и искористување на европските фондови, соопштија вечерва од Министерството за односи меѓу заедниците.

– На средбата се разговараше и за образовната и економската соработка, вклучително и за размена на студенти во различни програми, како и за можностите за искористување на италијанските искуства во различни области на економскиот развој, со цел зајакнување на соработката меѓу двете земји. Евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија беше истакнат како еден од главните приоритети, при што беше нагласено значењето на поддршката и искуството на Италија во овој процес. Двете страни изразија подготвеност за натамошно продлабочување на институционалната, економската, образовната и европската соработка – се додава во соопштението.