Фенербахче го врати водството против Жалгирис


Фенербахче повторно го има главниот збор кога станува збор за пласманот на фајнал-фор турнирот во Евролигата. Екипата на Жељко Обрадовиќ со големи маки го совлада Жалгирис пред 15.000 гледачи во Каунас и поведе со 2:1 во плеј-оф серијата, со што си обезбеди повратна карта за Истанбул, но веќе за два дена на ова место ќе има шанса да ја реши целата ситуација, бидејќи ќе биде многу порастоварен.

Најзаслужен за победата од 66:57 беше српскиот тројкаш Марко Гудуриќ, кој мечот го заврши со 17 поени и воедно беше најефикасен актер на натпреварот.

Колку беше напорно и напнато на теренот поради големата важност на натпреварот говори и малиот број поени. Топката тешко влегуваше во кошот, но тоа е начин на игра кој повеќе му одговараше на гостинскиот состав, кој во текот на целото второ полувреме го држеше резултатот под своја контрола и на крајот заслужено славеше.

Составот на Шарунас Јасикевичиус исклучително инспирирано влезе во мечот, првата четвртина ја доби во своја корист со 19:15, но таа еуфорија, која беше проследена со голема поддршка од трибините, полека се намалуваше и на крајот речиси згасна.

Единствен на висина на задачата беше Нејт Волтерс, кој вечерва уфрли 15 поени и имаше три асистенции, додека останатите целосно потфрлија, што за Фенер значително ја олесни работата. Волтерс беше единствен со двоцифрен учинок кај домаќините, што доволно говори за учинокот на Жалгирис.

Од друга страна, двоцифрени кај Фенербахче беа уште Јан Весели и Костас Слукас со по 10 постигнати поени.