Фекалии се излеваат од шахтите на „Партизанска“ во Нова Битола

Речиси половина град остана без вода за пиење поради тоа што канализациската мрежа била затната при реконструкцијата


Комуналните служби засега не можат да го решат проблемот

 

БИТОЛА – На оваа летна жега, Нова Битола е без вода за пиење, откако фекалии се излеваат од шахтите на обновената улица „Партизанска“ во овој дел на градот. Улицата пред две години ја реконструираше претходната локална власт и за неа беа платени над половина милион евра. Битолчани се револтирани од новонастаната ситуација во Нова Битола каде од шахтите во четвртокот, минатата недела почнале да се излеваат фекалии, а за се најде и да се реши проблемот на оваа летна жега денеска мораше да останат и без чиста вода за пиење.

Битолчани реагираат дека лошата изведба на „Партизанска“ во Нова Битола, само две години по реконструкцијата покажа дека не само што не чини асфалтот, кој е цел со бранови, туку и под земја се сработило лошо, па сега јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола мака мачи да го детектира и реши проблемот.

Од синоќа битолчани кои живеат на дваесетина улици во Нова Битола беа информирани од јавните претпријатија дека денеска ќе останат без вода. Претпријатието „Водовод“ соопшти дека ќе мора да го прекине водоснабдувањето на сите улици кои гравитираат кон таа канализациска цевка со цел непречено изведување на санацијата. Така неколку илјади битолски домаќинства денеска од шест часот до попладнето останаа без вода за пиење.

Од ЈП „Нискоградба“ изјавија за „Независен“ дека интензивно работат на решавање на проблемот, се бара помош и од други стручни фирми, само за да се надмине ситуацијата. Сепак од „Нискоградба“ велат дека при изведбата на канализација е оставен тампон. Првиот човек на „Нискоградба“, Зоран Талевски, вели дека  досега ги примениле сите можни начини да се реши проблемот, а крајно ако не се најде чаре, наново ќе се копа асфалтот и ќе се решава ситуацијата.

„Затната е канализацијата при изведбата, оставен е тампон и сега се јави проблем. Фекалиите се излеваат по асфалтот. Пробавме со машини под притисок, не се решава проблемот, но мора да го надминеме и бараме начини со нашите стручни служби. Проблемот се констатира во четвртокот, денеска жителите од тој дел мораше да останат без вода, утре ќе работиме повторно, но ќе бараме начин да имаа редовно водоснабдување. Крајно ќе се прекопа асфалтот и ќе се најде проблемот“, изјави Зоран Талевски директор на ЈКП „Нискоградба“.

„Партизанска“ во Битола е пример за лошо изведена и скапо платена улица, а спорни се над 700 метри од улицата. 

Општината веќе објави дека отвори постапка за преиспитување на реконструкцијата на улицата, па соопшти дека „со стручните служби и сите вклучени економски оператори кои вршеа изведба на градежните активности на улицата се во фаза на утврдување на причините за новонастанатата состојба. После утврдувањето на причините ќе биде информирана јавноста, како и за мерките кои ќе бидат преземени за решавање на овој проблем“, велат од таму.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека штетните проекти на СДСМ ги чувствуваа жителите на половина град кои останаа без вода.