Фејсбук е монопол кој ги гуши иновациите и ја жртвува безбедноста за кликовите, вели неговиот коосновач


Коосновачот на Фејсбук Крис Хјуз изјави дека е време таа социјална мрежа да се растури.

Во текстот објавен во „Њујорк тајмс“, Хјуз наведе дека извршниот директор Марк Закерберг го претворил Фејсбук во монопол кој ги задушува иновациите.

Социјалната мрежа Фејсбук има повеќе од две милијарда корисници, а исто така ги поседува и социјалните мрежи и апликации Инстаграм, Вацап и Месенџер, од кои секое од нив ги користат повеќе од милијарда луѓе. Фејсбук го купи Инстаграм во 2012 година, а Вацап во 2014.

Хјуз изјави дека моќта на Закерберг е „без преседан и неамериканска“ и додаде дека неговиот поранешен колега се фокусирал на раст, што довело до тоа да ги „жртвува безбедноста и човечноста за кликови“.

Според неговите зборови, Фејсбук е монопол кој би требало да биде присилен да ги раздели Вацап и Инстаграм, а идните спојувања да бидат забранети во следните неколку години.

Хјуз исто така повика на основање на нова федерална агенција која би ги регулирала технолошките компании и чија „прва задача би била да ја заштити приватноста“. Хјуз бил цимер со Закерберг на Харвард и го напушти Фејсбук во 2007 година за да учествува во предизборната кампања на Барак Обама.

Тој тврди дека ги ликвидирал своите Фејсбук акции во 2012 година, кога станал издавач на „Нова Република“ и дека повеќе не вложува во ниту една компанија за социјални мрежи.

„Минаа 15 години откако учествував во основањето на Фејсбук на Харвард и не работам во компанијата веќе деценија. Но, се чувствувам бесен и одговорен“, изјави Хјуз.

Главниот портпарол на Фејсбук Ник Клег одговори на критиките на Хјуз со изјава во која вели дека одговорноста не се наметнува со повик да се распадне една успешна американска компанија.

„Одговорноста на технолошките компании може да се постигне единствено преку макотрпно воведување на нови правила за интернет. Тоа е токму она на што Марк Закерберг повикува“, изјави Клег.

Според АП, Закерберг е неодреден околу прашањето за тоа за какви регулации точно се залага.

Фејсбук од 2016 година загуби неколку раководители по серијата скандали со кршењето на приватноста и ширењето на дезинформации. Основачите на Инстаграм и Вацап си заминаа, како и директорот кој го презеде Вацап минатата година.