Федерер по девет години загуби сет, но се пласираше во второто коло на „Вимблдон“


Роџер Федерер го започна успешно учеството на „Вимблдон“, откако го порази во четири сета Лојд-Џорџ Харис – 3: 6, 6:1, 6:2, 6:2, за нешто помалку од два часа игра на централниот терен во „Ол Ингланд Клаб“.

Швајцарецот изненадувачки го загуби првиот сет, кога младиот Јужноафриканец направи брејк на сервис на Федерер, по што беспрекорно го затвори делот за да поведе во резултатот, а за швајцарскиот тенисер ова беше прв загубен сет во првото коло од Вимблдон по цели девет години.

Одговорот на ФедЕкс беше моментален – 6:1 во вториот сет, откако светскиот бр.3 реализира два брејка по убиствено ефикасна игра на тревата на „Вимблдон“.
Следуваше пад во играта на Харис, што го даде потребното темпо на Федерер, кој со нови два брејка поведе со 2:1 во сетови, иако младиот тенисер не се предаде лесно во третиот сет.

Четвртиот дел се разви на многу сличен и со нови два брејка Федерер ја заврши средбата за час и 50 минути игра.

Во следниот круг легендата на светскиот тенис ќе игра против Џеј Кларк.