Федерер ќе игра на АТП турнирот во Женева


Швајцарија– Швајцарскиот тенисер Роже Федерер, изненади со одлуката дека ќе настапи на АТП турнирот во Женева, турнир од серијата 250 кој се игра на земјена подлога и кој е на програмата од 16 до 22 мај, една недела пред стартот на Ролан Гарос.

-Ова е нешто посебно, се остварија нашите соништа. Спортот многу страдаше, мораше да ни тргне еден ден. Да се донесе Роже Федерер на турнир во Швајцарија е добар знак и награда за сите оние кои се бореа да го одржат спортот во време на пандемија, изјави директорот на турнирот во Женева, Тиери Грин.

Тој призна дека имале многу среќа и дека околностите допринеле за тоа Федерер да прифати да игра во својата земја.

-Немате 12.000 можности да направите вакво нешто. Ѕвездите се поклопија оваа година, ова е дар од небо. Со целата ситуација околу календарот и сите тие промени, нашиот турнир влезе во неговиот календар, едноставно му одговара како пат кон неговите поголеми цели. Роже има голема поврзаност со Женева, тука има блиски пријатели, како Марк Росел и тој емотивен аспект играше голема улога во неговата одлука да дојде, заврши директорот на турнирот во Женева.