Федерер и Вилијамс на листата учесници на Австралија Опен


Австралија – Швајцарецот Роџер Федерер, чие учество на Австралија Опен сè уште не е сигурно, и Американката Серена Вилијамс, која ќе се обиде да ја освои својата 24. гренд слем титула во кариерата, се наоѓаат на листата учесници што организаторите на првиот гренд слем турнир во 2021 година го објавија денеска во Мелбурн.

Австралија Опен треба да се одржи од 8 до 21 февруари, а почетокот е поместен за три недели поради пандемијата на коронавирус.

– Нашата Еш Барти, првата светска тенисерка, се враќа на натпреварувањата, како и Роџер Федерер, кој паузираше поради повреда, изјави директорот на турнирот Крег Тили.

Во саботата, Тили истакна дека „сите најдобри светски тенисери, вклучувајќи го и Федерер, најавија дека ќе дојдат во Мелбурн“.

Отсутен од тениските терени во поголемиот дел од 2020 година, поради две операции на колената, 39-годишниот Федерер кон средината на овој месец рече оти не е сигурен дека ќе учествува на турнирот во Мелбурн.

Учесниците на Австралија Опен ќе бидат сместени во хотели што ќе бидат резервирани само за тенисерите, кои ќе имаат дозвола да бидат надвор од хотелскиот комплекс по пет часови на ден, само за тренинг.