ФЕД објави краен рок за зголемување на каматите – очекува поголема инфлација


Федералните резерви на САД (ФЕД) значително ги зголемија предвидувањата за инфлацијата за оваа година на седницата што заврши доцна синоќа и најави поблиска временска рамка во која ќе започне да ја зголемува каматната стапка.
Сепак, американската централна банка не даде навестување за тоа кога ќе започне да ја намалува својата агресивна програма за купување обврзници, иако претседателот на ФЕД, Џером Пауел призна дека официјалните лица разговарале за ова прашање на состанокот, пренесува CNBC.

Како што се очекуваше, Федералниот комитет за операции на отворен пазар (FOMC), кој одлучува за монетарната политика, едногласно ја остави референтната каматна стапка на краткорочното задолжување близу до нула.

Сепак, официјалните лица посочија дека зголемувањето на стапката може да се случи веќе во 2023 година, додека во март тие рекоа дека не очекуваат пораст на каматните стапки барем до 2024 година. Графиконот на очекувања на одделните членови на FOMC покажува потенцијално две зголемувања на каматните стапки во 2023 година.

Иако ФЕД ја зголеми очекуваната стапка на инфлација оваа година на 3,4 проценти, што е за цел процентен поен повисока од мартовската проекција, во соопштението од седницат повторно се наведува дека инфлациските притисоци се „минливи“. Зголемувањето на очекувањата за инфлација на ФЕД доаѓа по најголемото зголемување на потрошувачките цени во Соединетите држави во последните 13 години.

Пазарите реагираа на вестите на ФЕД, со пад на акциите и пораст на приносот на државните обврзници бидејќи инвеститорите очекуваа заострување на монетарната политика, вклучително и можно забавување на набавките на обврзниците веќе оваа година.

Дури и со зголемената прогноза за раст на потрошувачките цени за оваа година, Комитетот сепак верува дека инфлацијата ќе се движи на долг рок во рамките на целната стапка од 2 проценти.

„Очекуваме високата стапка на инфлација да се намали сега“, рече Пауел на прес-конференција по седницата.

Тој, сепак, предупреди дека динамиката на повторно отворање на економијата „ја зголемува можноста инфлацијата да се покаже како поголема и попостојана отколку што очекуваме“.

Претставници на централната банка исто така ја зголемија проекцијата за раст на бруто домашниот производ за оваа година на 7 проценти од претходните 6,5 проценти. Проценките за невработеноста останаа непроменети, 4,5 проценти.

„Овој побрз раст е одраз на континуираното враќање на економската активност, но факторите кои се повеќе погодени од пандемијата се сепак слаби, иако покажуваат подобрување“, рече Пауел.