ФДУ слави 50 години постоење: Актерите носат порака и во време на војни, поплави и чуми


Факултет за драмски уметности при УКИМ Скопје, годинава прославува јубилејни 50 години од основањето и 28. издание од меѓународните студентски средби на академиите и факултетите за драмски уметности „Скомрахи“.

Одбележувањето на јубилејот ќе биде на 1 ноември во Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот кадешто ќе биде прикажан перформансот „Живот за еден сон“, чија кореографија е под водство на проф. Кренаре Невзати – Кери и во кој учествуваат голем број дипломирани и активни студенти. Во реализацијата се вклучени и проф. м-р Зоја Бузакловска, професори и студенти од ФДУ. Перформансот ќе биде сценскоизведувачки и аудиовизуелен омаж за уметноста, уметниците, професорите, студентите и за ФДУ. На настанот ќе биде означен и официјалниот почеток на „Скомрахи“.

„Со пет претстави, 30 филмови, промоција на книга и на списание и оваа година „Скомрахи“ цели кон размена на искуства и знаења со студентите и публиката. Од 2 до 5 ноември на Академската сцена на ФДУ, во рамки на програмата, публиката ќе може да ги погледне студентските претстави и филмови од Факултетот за драмски уметности – Скопје, Факултетот за драмски уметности – Белград, Факултетот за уметности – Звечан, Академијата за театар, радио, филм и телевизија – Љубљана, Факултетот за драмски уметности – Приштина, Академијата за драмски уметности – Загреб, Академијата за сценски уметности – Сараево и Националната академија за театар и филмска уметност „Крсто Сарафов“ – Софија“, соопштуваат од ФДУ.

Покрај перформансот „Живот за еден сон“, дел од програмата се и преставите „Оган“, според „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеско на студентите од Љубљана, „Синиот ѕвер отаде“ од Филип Ридли во изведба на студентите од Софија, „Еј Кармела“ на Хозе Санчиз Синистерa во изведба на студентите од Белград, „Сеќавањето на водата“ од Шила Стивенсон во изведба на студентите од Сараево, „Животот мој“ во изведба на студентите од Звечан, додека во филмскиот дел публиката ќе има прилика да ги погледне студентските остварувања на студентите од Љубљана, Загреб, Приштина, Белград, Скопје и Сараево, како и дел од филмографијата на македонските студенти.

„За скомрахите се вели дека биле оние актери – талкачи од средновековието кои ги спојуваа распокинатите врвци, ги премостуваа реките, ги донесуваа здивот од другите земји, ја носеа пораката на актерското мајсторство кое и забавува, и се подбива, и засмејува и налутува, и огорчува и замислува. Во името на трајната порака што актерите отсекогаш ја пренесувале, дури и во време на војни, чуми, поплави, се одродуваат и овие денешни „Скомрахи“, сé така чувајќи ја Неа, и збогатувајќи ја со нова мисла и со нова содржина, со нова љубов за драмската уметност – жива реч на дивиот и трајна порака на творечкиот порив на човекот“, велат од ФДУ.

На овој уметнички факултет се изведуваат универзитетски студии од областа на театарот, филмот и телевизијата низ уметничко и научно творештво, продукција и јавно прикажување на уметничките остварувања, како и издавање на книги и публикации. Универзитетските студии по драмско актерство, драматургија, театарска режија, продукција, филмска и ТВ режија, филмско и ТВ снимање и филмска и ТВ монтажа, траат осум семестри или четири години. На факултетот се изведуваат и постдипломски студии по актерска игра, драматургија, продукција, театарска режија, театрологија, филмско и електронско снимање, филмска и тв режија, филмско и тв сценарио и монтажата како аудиовизуелно естетско поимање.

„Почетокот на Факултетот за драмски уметности го бележиме со основањето на Одделот за драмски актери при високата музичка школа во Скопје, 1969 година. На тој начин се овозможи образование на актерски кадри за театарската, филмската и телевизиската продукција. Развојот на Одделот за драмски актери, како и афирмацијата на првите завршени студенти, придонесе и за осамостојување на овој оддел“, велат од ФДУ.