ФБИ и партнерите предупредуваат на глобалната криза со сексуално изнудување, загрозени малолетници


ФБИ и агенциите за спроведување на законот на четири други држави, сојузници на САД, алармираат поради драматичното зголемување на таканаречените шеми за „сексуална изнуда“ насочени кон малолетници во апликации за игри и други дигитални платформи, оценувајќи дека тоа стана глобална криза. 

Шемите за сексуално изнудување, во кои жртвите се принудени да испраќаат експлицитни фотографии и потоа се изнудуваат пари од нив, се насочени кон жртви од сите возрасти, но неодамнешните инциденти сугерираат дека примарна цел се машките тинејџери. 

На сајтовите за игри и на апликациите за видео разговор, предаторите, честопати возрасни кои живеат во западна Африка и се претставуваат како млади девојки, ги мамат жртвите да им испратат експлицитни видеа или фотографии, а потоа се закануваат дека ќе го објават материјалот доколку не им испратат пари или ваучер картички за подароци. 

Во заедничкото предупредување, ФБИ и партнерските институции во Австралија, Канада, Нов Зеланд и Велика Британија соопштија дека регистрирале „експлозија“ во бројот на такви случаи во текот на минатата година. Проблемот се случува насекаде низ светот, велат тие. 

-Финансиската изнуда има многу пошироко влијание од само нашата земја и нашите деца – тоа е глобална криза која бара внимание од сите, рече директорот на ФБИ Кристофер Вреј во изјавата. 

-ФБИ работи рака под рака со нашите меѓународни партнери за да ги спречи децата да станат жртви на ова трагично злосторство. Сите ние имаме должност да ги поддржиме и да ги охрабриме жртвите да излезат и да им покажеме дека има живот и после (таквите) фотографии.” 

Предупредувањето доаѓа откако Министерството за правда во декември објави дека повеќе од 3.000 малолетници, главно момчиња, биле цел на финансиска изнуда во 2022 година, што е нагло зголемување од претходните години. Десетици жртви извршија самоубиство. 

Предаторите обично се насочени кон малолетници на возраст меѓу 14 и 17 години, иако се идентификувани жртви на возраст од 10 години, според Секретаријатот за правда. 

„Иако финансиската изнуда се спроведува виртуелно, тоа може да има сериозни последици надвор од мрежата“, се вели во соопштението на ФБИ. 

„По заканите и агресијата, жртвите може да се чувствуваат осамено, засрамено, исплашено, а овие чувства може да доведат до тоа децата да прибегнат кон самоповредување“. 

Мишел ДеЛун, извршна директорка на Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца, рече дека нејзиниот центар примил повеќе од 10.000 пријави за сексуален напад во изминатата година. 

-Разбираме како младите жртви на ова злосторство може да се чувствуваат како да нема излез, но сакаме да знаат дека не се сами“, рече Де Лун, повикувајќи ги родителите да разговараат со своите деца.