ФБИ ги истражувало наводите за бегство на Хитлер во Аргентина


Неодамна декласифицираните документи на американското Федерално истражно биро (ФБИ), покажуваат дека службата водела истрага за наводите дека германскиот нацистички лидер Адолф Хитлер не извршил самоубиство на 30 април 1945 година како што тврди официјалната историја, туку дека наводно побегнал со подморница во Аргентина.

Според овие наводи, Хитлер, неговата сопруга Ева Браун и други високи претставници на Третиот Рајх стигнал со подморница во Аргентина пет месеци откако, според официјалната историја, тој го извршил самоубиството во бункерот во Берлин.

Првите од декласифицираните документи околу ова прашање потекнуваат од 21 септември 1945 година, односно две недели по капитулацијата на Јапонија и завршувањето на Втората светска војна.

Декласифицираните документи покажуваат дека ФБИ неколку години водела истрага во врска со информациите дека Хитлер живее во „подножјето на Андите“ во Аргентина, а тие содржат и бројни писма на оваа тема меѓу тогашниот директор на Бирото, Џон Едгар Хувер и неговите соработници.

Според сознанијата до кои дошле агентите на ФБИ, Хитлер наводно стигнал со подморница во Аргентина, заедно со околу 50 високи нацистички претставници и членови на нивните семејства, кои побегнале со него од Германија. Во документите се наведени непотврдени информации дека кога пристигнал во Аргентина, Хитлер наводно бил во лоша здравствена состојба, боледувал од астма и имал проблеми со чирови.

Во документите се посочени и имињата на шестмина аргентински високи претставници, кои наводно му помогнале на Хитлер да се крие на ранч во подножјето на Алпите.

Вака добиените информации, ФБИ ги доставило до воената разузнавачка служба на САД.