ФБИ: „Антифа“ е идеологија, а не организација


„Антифа“ е идеологија, а не организација, изјави директорот на Федералното биро за истраги на САД (ФБИ), Крис Реј, во сведочењето пред комитетот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, изнесувајќи став спротивен на американскиот претседател Доналд Трамп кој најави дека „Антифа“ ќе биде официјално окарактеризирана како терористичка група.

Сведочејќи пред Комитетот за домашна безбедност, основан по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година, Реј не негираше дека активистите на „Антифа“ се сериозна причина за загриженост и реална опасност.

Сепак, тој рече дека „тоа не е група или организација, туку движење или идеологија“, за разлика од Трамп, кој ја обвини „Антифа“ за испади на насилство на улиците во градовите во САД после убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис.

Неколку часа по сведочењето на Реј, Трамп на Твитер напиша дека ги смета „Антифа“ за „добро финансирани анархисти и насилници кои остануваат заштитени затоа што, ФБИ не е во можност или не сака да го открие нивниот извор на финансирање“.

Реј во сведочењето ги потврди и проценките на разузнавачките кругови во САД дека има руско мешање на претстојните претседателски избори во САД – меѓу другото и во форма на обиди за компромитирање на демократскиот кандидат Џо Бајден – но дека немало напади врз изборната инфраструктура како оние што беа регистрирани во 2016 година.