Фазлиу: Северна Македонија ја реализира својата амбициозна реформска агенда


Советот на министри целосно ги прифати препораките на Европската комисија, Северна Македонија ја реализира својата амбициозна реформска агенда, особено е значајна придобивката од решавањето на драматичниот спор со Грција и потпишувањето на Договорот со Бугарија. Северна Македонија и Албанија испорачаа реформи и очекуваме препораката за преговори наесен, во време на финското претседателство да се ефектуира, нагласи министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Фазлиу, ја даде изјавата на пленарната сесија на „‘Денот на проширување’’ на Европската Унија, на тема „Парите на ЕУ и нивната вредност во подобрувањето на владеењето на правото и социо-економскиот развој на локално ниво“, каде дискутираа членовите на Комитетот на региони на ЕУ од земјите од Западен Балкан и од Унијата.

Имено, на пленарната сесија од Северна Македонија учествуваа градоначалници од 11 општини, предводени од министерот за локална самоуправа и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов.

Еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на Комитетот на региони на ЕУ, Карл Ламберт и директорката во Директоратот за соседство и проширување, Геновева Калавера заклучија дека политиката на проширување е од геостратешки интерес за Европската Унија и мора да се продолжи по тој пат.

Фазлиу, оствари и одвоени средби со членовите на Комитетот на региони на Европската Унија, на кои беа споделени искуства и добри пракси во областа на регионалната политика и територијалната соработка.
Калавера најави дека во септември че ја посети Северна Македонија.

Шилегов, како претседател на регионалната мрежа на локални и регионални власти на земјите од Западен Балкан, НАЛАС, го презентираше последниот Извештај за напредокот во областа на локалната самоуправа во земјите од регионот, нагласувајќи дека во него е констатиран напредок и во политичката и во административната децентрализација, но и не соодветна фискална децентралија што ги ограничува локалните власти во регионот да имплементираат иновативни политики, како што е концептот за паметни градови.

– Локалните власти од регионот ги загрижуваат и процедурите за користење на средства од предпристапните фондови на Унијата кои што, како што е констатирано во Извештајот, стануваат се посложени и можат да бидат пречка за вклученост на локалните власти во ИПА инструментот на Европската Унија, потенцираше Шилегов.