Фаворитите паѓаат еден по еден во Катар

Станува збор за деветтопласираниот Андреј Рубљев кој стигна до финалето од турнирот во Доха и денеска од 16 часот ќе се судри со Џек Дрејпер, кој ги победи Лехечка (од него изгуби Алкараз) и Беретини, од кого изгуби Ѓоковиќ.
На истиот турнир учествуваа и Алкараз, Медведев, Ѓоковиќ и Де Минор, но никој од нив не успеа да стигне подалеку од четвртфиналето, а со тоа и го искористат неиграњето на Јаник Синер со цел да му се доближат на АТП листата.
До завршницата не стигна ни вториот светски рекет Александер Зверев кој учествува на турнирот во Рио де Жанеиро и доживеа елиминација од 86. тенисер на АТП листата, Комесана од Аргентина. Турнирот во Рио де Жанеиро беше од категоријата 250, а оној во Доха од категоријата 500.
Рубљев е тенисер кој собра најмногу бодови на своето конто (280 досега), по 100 додадоа Алкараз и Медведев, Де Минор профитираше со 50 бода, а Каспер Руд загуби 155. Зверев остана „на свое“ што не е добра вест за него бидејќи остана на 3.200 бода негатива во однос на Синер.
Италијанецот ќе биде во „аут“ до почетокот на мај и ќе загуби 2.100 бода, но ако некој од останатите тенисери не направи нешто во однос на својата форма, нема да е изненадување ако се врати како првопласиран на АТП листата. Според актуелната состојба, тој е сигурен на челната позиција до почетокот на април, ама реални шанси да го стигнaт имаaт само Зверев и Алкараз. Германецот не брани многу бодови, но треба да игра добро во континуитет, додека шпанскиот тенисер брани титула во Индијан Велс, ама потоа во Мајами, Монте Карло, Барселона и Мадрид може само да профитира.