Фаучи: Вистинската нормалност нема да се врати оваа година


Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи изјави дека коронавирусот може да се појави во неколку циклуси и оти враќање на целосна нормалност во секојдневниот живот веројатно не може да се очекува оваа година.

– Се надевам дека одреден степен на вистинска нормалност ќе биде воспоставен во следната година, или така некако, но не мислам дека ќе биде оваа зима или есен, рече Фаучи во интервју за британски „Телеграф“, додавајќи дека коронавирусот сепак ќе биде присутен подолго.

Фаучи исто така рече дека наскоро не може да се очекува укинување на забраните за патувања на некои меѓународни релации и оти, судејќи според стапката на ширење на заразата, за тоа ќе бидат потребни месеци, а не само недели.

Тој ги предупреди учесниците во демонстрациите против расната неправда за ризикот од зараза со коронавирусот на масовни собири, дури и ако се користат заштитни маски.

Според Си-Ен-Ен, Фаучи изрази оптимизам во врска со успешниот развој на вакцина против коронавирусот.

– Имаме потенцијални вакцини – четири или пет – кои значително напредуваат … Врз основа на сè што се гледа од резултатите во рана фаза, можно е да се замисли дека ќе добиеме две или три успешни вакцини, објасни Фаучи.