Фаучи: Првиот бран од коронавирусот се уште трае во САД


САД – Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи предупреди дека САД продолжуваат да се соочуваат со првиот бран на коронавирусот, истакнувајќи дека е загрижен за појавата на нови епидемии во земјата.

По неколкуте месеци тешка борба со заразата Фаучи кажа дека нема да присуствува на првиот закажан политички митинг на претседателот Доналд Трамп, во сабота во Тулса, во сојузната држава Оклахома, каде се очекува голема посетеност, и покрај зголемувањето на бројот на случаи на коронавирус.

Фаучи ова го изјави во време кога шест американски држави пријавија рекорден број на заразени заради забрзаното олеснување на рестриктивните карантински мерки, пренесуваат американските медиуми.

Аризона, Флорида, Оклахома, Орегон и Тексас завчера соопштија за рекордно зголемување на бројот на заразени со коронавирусот, при што Невада бележи најголем број случаи во еден ден.

Фаучи порано имаше кажано дека коронавирусот може да се појави за неколку циклуси и дека враќањето на земјата во целосна нормалност веројатно не може да се очекува годинава.

-Се надевам дека дури следната година ќе може да се утврди одреден степен на вистинска нормалност, или нешто слично на тоа, но не мислам дека тоа ќе биде оваа зима или есен, изјави тој за британскиот „Телеграф“.

Тој додаде дека смета оти коронавирусот, сепак, ќе биде присутен малку подолго време.