Фаучи: Некои пораки на администрацијата не одговараат на реалноста

САД – Водечкиот американски епидемиолог, Ентони Фаучи, изјави дека некои пораки од работната група на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за борба против коронавирусот не се совпаѓаат со извештаите од теренот, и проценува дека погрешните чекори што биле направени на почетокот на кризата го загрозувале одговорот на владата.

Во интервју за Еј -Би-Си Њуз, што ќе се емитува утре како дел од специјалната емисија „Американска катастрофа: Како дојдовме до овде?“ (American Catastrophe: How Did We Get Here? ) Фаучи се обиде да објасни зошто неколку месеци по пандемијата во САД владата се уште се бори на Американците да им обезбеди адекватно тестирање и доволно опрема.

Еј-Би-Си Њуз наведува дека работната група на администрацијата, која на федерално ниво ги прави напорите за забавување на ширењето на коронавирусот, и натаму се потпира на некои оптимистички пораки од своите состаноци, во време кога пандемијата на Ковид-19 беснее во САД.

Според мислењето на Фаучи, клучен член на работната група, меѓутоа, овие тврдења не секогаш се совпаѓаат со извештаите што тој ги добива од првите редови на борбата со болеста.

-Се уште слушаме, кога одиме на состаноци на работната група, дека овие проблеми се решени, но кога ќе отидете во рововите, се уште слушате за тоа, рече Фаучи.

Тој додаде дека нема добар одговор и не може да го објасни ова несовпаѓање, особено што овие теми не се дел од неговите дневни одговорности, но изјави дека дел од проблемот потекнува од фактот дека „многу работи што ни требаат не се произведени во САД“.

Еј-Би-Си Њуз пренесува дека американската Влада за овие материјали морала да се натпреварува со другите земји погодени од пандемијата, а Белата куќа на крајот морала да се повика на овластувањата во вонредни ситуации за да ги присили американските компании да и помогнат.

Овие предизвици го  влошиле тоа што Фаучи призна дека биле погрешни чекори, преземени на самиот почеток од кризата, кога станува збор за тестирањетот што го вршел Центарот за контрола на болести.

Како што изјави, Центарот развил тестови што првично „не функционирале“ бидејќи се покажало дека нивните резултати се засноваат на потенцијално загадени примероци.

Ова ја принудило федералната влада да продолжи да се потпира на приватните компании.

Фаучи рече дека американската Влада не е единствената што направила грешки, што скапо ја чинела.

Тој оцени дека одговорот на администрацијата на пандемијата бил „значително хендикепиран од недостаток на искреност кај кинеската Влада за време на првичното ширење на вирусот во таа земја“.

Фаучи рече дека Кинезите соопштиле дека вирусот не се шири ефикасно од човек на човек.

-И тогаш, како што минуваа неделите стана јасно дека тоа е токму таков случај и дека навистина ќе има проблеми, рече Фаучи.