Фаучи: Малку е веројатно дека ќе го искорениме корона вирусот


Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи вели дека малку веројатно е дека корона вирусот некогаш ќе биде искоренет.

„Мислам дека комбинацијата на добри јавноздравствени мерки, нивото на глобалниот имунитет и добра вакцина ќе успеат да ја доведат короната во контрола оваа или следната година. Но, се сомневам дека ќе ја искорениме“, рече Фаучи.

Неговиот коментар не се сложува со оној на американскиот претседател Доналд Трамп кој повтори дека вирусот ќе исчезне.

Бројот на регистрирани случаи на зараза во САД премина четири милиони.

Фаучи вели дека вирусот се разликува од САРС, корона вирус кој се појави на почетокот на 2000 години. Како што вели Ковид-19 е неверојатно успешен во пренесувањето од човек на човек и има широк спектар на симптоми.

„Никогаш не сум видел инфекција со таков широк распон на симптоми. Некои имаат послаби симптоми, некои се во кревет со месеци, а некои се во болница и им треба интензивна нега“, вели Фаучи.

За потсетување, бројот на регистрирани случи на зараза со новиот корона вирус во САД во четвртокот надмина 4.000.000 и укажа на забрзано ширење на заразата од првиот случај, пренесе Ројтерс.

На САД им беа потребни 98 дена да стигнат до милион заразени, а сега само за 16 дена од три стигнаа до четири милиони, според податоците на Ројтерс.
Просечно новите случаи со Ковид-19 растат по 2.600 на час, што е најголема стапка на светот.