Фатен е убиецот на Вања и на Панче, Љупчо Палевски – Палчо, МВР со прес во 22,30 часот

Палевски се сомничи за убиството на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје и Панче Жежовски (74) од Велес во рок од неколку дена


Љупчо Палевски-Палчо, кој се сомничи за киднапирање и реализација на убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е фатен, јавија повеќ медиуми вечерва.

Тој бил задржан на граница, односно, Палчо бил  уапсен на аеродром во Турција по меѓународната потерница која ја објави македонското МВР, по двојното убиство на Вања Ѓорѓиевска и Панче Жежовски.

Засега се знае неговата траекторија на движење која е Скопје-Белград, преку Бугарија во Турција.

МВР закажа прес-конференција за во 22,30 часот.

Вчера пак, на осомничениот му беше определена мерка притвор во отсуство, која ќе почне да важи по неговото приведување. 

– Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, донесе решение со кое го прифати предлогот на Обвинителството и на Љ.П. со прекар П. Од Скопје, му определи мерка притвор од 30 дена од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на основите од член 165 став 1 точка 1,2 и 3 од ЗКП односно опасност од бегство, ќе ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоци или ќе го повтори кривичното дело. Согласно наредбата за спроведување истражна постапка, за лицето постои основано сомнение за кривичните дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.7 вв со чл. 22, Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 вв. чл. 22 и Предизвикување општа опасност од чл. 288. ст.1 вв со чл. 22 од КЗ,  соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје.

Досега, за двојното убиство уапсени се шестмина,  таткото на Вања, Александар Ѓорчевски,  Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој вечерва е фатен, а претходно денеска беше уапсен 46-годишен скопјанец, кој му помогнал на Палевски од Србија, преку Бугарија да стигне до Турција. 

Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава, а Панче Жежовски бил убиен на 22 ноември, кога бил грабнат од неговиот дом, а неговото исчезнување беше пријавено на 24 ноември. И неговото тело беше пронајдено на 3 декември, по исказот на тројца од осомничените.