Фарса со азилантот со очилата „мајбах“ за сонце


Невообичаена утринска сцена во судот во Будимпешта. Експремиерот Груевски со заштитниот знак – очилата за сонце „мајбах“ и бејзбол-капче, небаре е на плажа во Тел Авив, влезе во судницата во придружба на полицајци во цивилна облека каде што се одлучуваше за барањето на македонските власти за негова екстрадиција. Вкрстени рачни зглобови кои ги покри со палто, со претпоставка дека сака да ги сокрие лисиците, за момент предизвикаа различни фантазии дека нешто чудно се случува. Иако во земјава има неколку обвиненија против него и пресуда од две години затвор, јавноста никогаш не го виде со лисици на рацете. Што ли сега ова може да значи? Дилемата за кратко беше решена. Получасовната затворена расправа, со доза на спектакл за широките народни маси, заврши со одлука за неиспорачување на бегалецот во татковината.

Судијката Ева Вареѓи го отфрли барањето за екстрадиција на македонското Министерство за правда, како и меѓународната потерница, а како образложение наведе дека лицата кои побегнале од една земја, не може да бидат екстрадирани во таа земја. Таа, како што пренесоа унгарските медиуми, кажала дека статусот на бегалец е пречка за секое понатамошно враќање и екстрадиција и тоа е според унгарските закони за азил.

Груевски беше приведен по барањето за екстрадиција што го поднесе Министерството за правда за последниот случај во кој тој е осомничен за организатор на настаните на 27 април, откако веќе поднесе едно такво барање за случајот „Тенк“. Груевски одби да одговори на новинарските прашања. Новинарите го прашаа зошто молчи, како се финансира во Унгарија и дали прима средства од унгарскиот буџет.

Но затоа малку подоцна се огласи од својата сигурна зона – фејсбук-профилот. Ѝ објасни на јавноста за што станувало збор. Според него, била спроведена стандардна процедура на институциите во Унгарија откако, како што вели, криминалната и рекетарска влада во Македонија поднела барање за екстрадиција.

„Судот го разгледа барањето за екстрадиција и одлучи да не го прифати“, напиша Груевски.

Груевски во Унгарија има статус на политички бегалец. Странските медиуми оценуваат дека многу нешта укажуваат на тоа дека тој ужива заштита од страна на владата на Виктор Орбан. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто неодамна призна дека го прима Груевски редовно во својот кабинет.

„Со Груевски досега редовно сум се среќавал и тоа ќе го правам и во иднина“, одговори шефот на унгарската дипломатија Сијарто на критиките од опозицијата за која „азилот на Груевски е срам за Унгарија“, во расправа во парламентот во Будимпешта пред две недели.

Пратеничката Агнес Вадаи го критикуваше Сијарто по информациите во унгарскиот печат дека Груевски се среќава со унгарски дипломати во станови на Кинези во Будимпешта, меѓу нив и со заменик-државниот секретар во унгарското МНР.

„Доколку сакаме да ги добиеме најавтентичните информации за тоа што се случува на Западниот Балкан, како се движат процесите таму, нема подобар извор за тоа од човекот кој беше премиер во тој регион цели 10 години“, рече Сијарто.

„И да, ние постојано разговараме со него. Каде и како не е важно. На пример, во министерството јас често разговарам со него во мојата канцеларија. Ќе ги одржуваме контактите со него и во иднина, и ќе продолжам да го консултирам за Западниот Балкан и во иднина. И да ви кажам уште нешто драги колеги, Никола Груевски ја поддржува евроатлантската интеграција на својата земја“, рече Сијарто, кој деновиве беше во посета на Скопје.

По средбата со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи тој, исто така, потврди дека се среќавал со бегалецот Груевски, но не кажа за што зборувале и какви информации добил од Груевски, а се корисни за унгарската влада.

„За некој што бил премиер во овој регион 10 години, претпоставувам дека има многу добро сознание и разбирање на регионот и јас не сум овластен да објавам никакви делови од нашите дискусии, меѓутоа можам да ви кажам дека вашиот поранешен премиер исто така многу се залага за вашето пристапување кон ЕУ“, рече Сијарто.

Присуството на Груевски во Унгарија, како што нагласи, го гледа како правно прашање и тоа според него немало никаква врска со надворешната политика на неговата земја. „Денес стојам пред вас и ја докажувам нашата целосна поддршка за вашето членство во ЕУ“, рече Сијарто.

За Груевски и натаму е распишана само домашна потерница. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска минатиот месец откри дека, и покрај барањата испратени од Обвинителството со целосна документација, Интерпол одбива да ја објави потерницата за Груевски, кој побегна на 11 ноември и преку Албанија, Црна Гора и Србија со помош на унгарски дипломати стигна во Унгарија, каде експресно доби политички азил. Во меѓувреме си издаде и книга. 

 И Груевски во расправата за реконструкцијата

 

Азилантот Никола Груевски вчера беше тема и во македонското Собрание, каде што втор ден се расправаше за реконструкцијата на Владата.

Пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ со фотографија од Груевски од судот во Будимпешта им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да дојдат на власт се додека не се оградат од Груевски.

„Сè дури не се оградите од овој човек со лисици, капче и очила во суд во Будимпешта, сè дури не се оградите од овој човек кој уште ви ги дава насоките како да постапувате преку неговата уста и очи кој се вика Христијан Мицкоски, нема да дојдете на власт. Граѓаните не сакаат да гледаат пак таква ВМРО-ДПМНЕ која ќе биде главен уредник на вести и полицаец во МВР, која ќе биде и прв судија, ќе монтира судски процеси. Граѓаните нема да го дозволат тоа“, рече Костадинов.

На ова реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој рече дека СДСМ изгубил многу гласови на последните претседателски избори.(Н.К.)