ФАО: Бројот на гладни во Африка би можел петкратно да се зголеми


Бројот на гладни во Западна Африка би можел петкратно да се зголеми ако глобалната епидемиолошка состојба продолжи да се влошува, соопшти Канцеларијата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединети нации (ФАО) за Западна Африка.

Според ФАО, недостигот од храна е предизвикан од судирите во западниор дел на Африка, а дополнително е влошена поради пандемијата со новиот коронавирус.

– Во Западна Африка на повеќе од 11 милиони им е потребна помош во храна, пред се поради судирите во тој регион. Нивниот број ќе продолжи да расте и би можел да достигне до 17 милиони луѓе во периодот од јуни до август, ако не се реагира брзо. Ако епидемиолошката ситуација продолжи да се влошува, дури 50 милиони луѓе во регионот би можеле да се соочат со глад. Тие кои веќе се гладни и раселени ќе бидат во екстремен ризик, проценува ФАО.

Стапката на неухранетост во Западна Африка е една од највисоките во светот. Околу 2,5 милиони деца, од кои една четвртина во Буркина Фасо, Мали и Нигер, страдаат од тешка и акутна неухранетост.

ФАО наведува и дека пандемијата ќе влијае врз локалните земјоделци, кои можат да се соочат со помала понуда на ѓубриво и семиња, затворање на продавниците и намалена помош поради пандемијата.