„Фајзер“ наскоро ќе побара итно одобрување за нивната вакцина во САД

Американската компанија „Фајзер“ (Pfizer), која работи на вакцина против КОВИД-19 со германската компанија „Бионтек“ (BioNTech), објави отворено писмо од нејзиниот извршен директор во кое објави дека во ноември ќе побара одобрување на нивната вакцина од ФДА.
Фармацевтската мултинационална компанија објави отворено писмо, потпишано од извршниот директор на „Фајзер“, во кое се наведува дека работи „со брзина на науката“ на вакцина против КОВИД-19 и предвидува дека ако сè оди добро во преостанатите неколку недели, „во третата недела од ноември“ ќе ги исполни сите барања за да побара итно одобрување од ФДА.

Шефот на „Фајзер“ наведува дека условите за такво барање се сите претходни фази да поминат со позитивен исход во однос на ефикасноста и безбедноста, како и дека обработката на најмалку половина од учесниците во студијата за вакцини завршила два месеци по вакцинирањето. Ова се токму условите за кои „Фајзер“ тврди дека „ќе ги исполнат во третата недела“.
Научниците ширум светот ја истражуваат можноста за развој на вакцина против КОВИД-19, а Светската здравствена организација во моментов следи 170 потенцијални кандидати. Пет тимови научници од целиот свет ја завршија втората фаза на клинички испитувања и влегоа во третата. Тоа се Универзитетот во Оксфорд и „Астра Зенека“; „Бионтек“ (BioNTech), „Фосун фарма“ (Fosun Pharma) и „Фајзер“; Новаваксу (Novavaxu); CanSino Biologics Inc. и Институтот за биотехнологија во Пекинг; како и Универзитетот во Мелбурн и Институтот Мардок.