Фајон: Сите партии да ги направат нужните чекори за да продолжи процесот на претпристапни преговори со ЕУ


Илустрација - Фото: Б. Грданоски

 Вицепремиерката и министерка за надворешни и европски прашања на Словенија, Тања Фајон денеска изјави дека уставните измени се клучни за Северна Македонија да оди напред на патот кон Европската унија и ги повика сите политички партии да ги поддржат. 

– Ги повикувам сите одговорни партии во оваа држава да ги направат овие нужни чекори како што е промената на Уставот за да може овој процес на проширување и претпристапни преговори да може да продолжи. Тоа е одговорност кон државјаните, кон граѓаните и граѓанките и тоа е клучно за да може Северна Македонија да оди напред кон ЕУ. Денес проширувањето стана геостратешка итност и затоа уште еднаш ѝ посакувам на Северна Македонија многу храброст, многу самодоверба, цврста работа, рече Фајон на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

И според вицепремиерот Маричиќ, прифаќањето на уставните измени е единствен чекор за да се продолжи евроинтеграцијата. 

-Во извештајот за напредокот за оваа година Европската комисија ни упати силна порака дека треба да продолжиме и да ја интензивираме работата на овој пат на кој сме до сега и да го зајакнеме доброто ниво на подготвеност. Имаме прогрес во 80 отсто од поглавјата и нема назадување во ниту едно поглавје. Тоа не значи дека сме завршиле се, но значи дека имаме добра основа да продолжиме понатаму, рече Маричиќ.