Фајон: ЕУ има обврска да ги почне преговорите со Македонија

Европратеничката од Словенија, Тања Фајон, попладнево за МИА изјави дека земјите членки на ЕУ не смеат повеќе да го одлагаат отворањето на преговорите за членство со Северна Македонија и ги повика да ја преземат својата одговорност, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Клучно е Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ. Денеска Советот не само што има шанса, туку има обврска да го исполни своето ветување дадено во март, да ги отвори пристапните преговори со земјата, изјави Тања Фајон.

Таа нагласи дека не смее да се одлага повеќе оваа одлука.

-Сите носиме одговорност, и Северна Македонија ја исполни својата работа, секое дополнително одлагање ќе им наштети пред сѐ на нејзините граѓани посебно во овие времиња на пандемија кога економскиот и социјалниот развој и се многу потребни на земјата, додаде Фајон.

Пратеничката истакна дека во игра овој пат е најважното: взаемната доверба.

Синоќна европските Либерали од политичката партија Обнова во Европскиот парламент исто така испратија апел до бугарските власти да престанат да ја кочат Северна Македонија.

-Процесот на пристапување во ЕУ не смее да биде искористен од земјите членки како уцена за да добијат отстапки од соседите и да туркаат популистичка и националистичка агенда за домашни политички причини, порачаа Либералите во Европскиот Парламент, каде членува известувачот за С.Македонија, Илхан Ќучук, како и партијата на францускиот претседател, Емануел Макрон.

Либералите сметаат дека Северна Македонија доволно чекаше за преговорите и ги повикуваат земјите членки што побрзо да ја усвојат преговарачката рамка.

Земјите-членки попладнево треба да дебатираат за Северна Македонија и за Албанија, но не се очекува да биде донесена одлука на денешниот состанок за усвојување на преговарачката рамка. Дискусијата требаше да започне околу два часот и триесет минути, но е одложена за најмалку 45 минути поради дебатата за буџетот на ЕУ, кој го блокираат Полска и Унгарија поради механизмот за набљудување на владеењето на правото.