Фајненшл Тајмс: Влезот на Хрватска, Романија и Бугарија во Шенген зависи од Холандија и Шведска


Европската комисија ги повика земјите-членки веднаш да ги примат Бугарија, Хрватска и Романија во Шенген зоната бидејќи постигнале „силни резултати“, но одговорот на тоа барање не е во Брисел, туку во Холандија и Шведска, пишува денеска Фајненшл Тајмс.

Хрватска сè уште е нова во чекањето за проширување на Шенген, но Бугарија и Романија стојат во тој ред повеќе од десет години. Весникот проценува дека Загреб, кој е на пат да го усвои еврото на 1 јануари и нема проблеми со корупцијата и прашањата за владеење на правото како Букурешт и Софија, би можел да продолжи – доколку новата влада во Шведска успее да ја убеди екстремната десница Шведските демократи да престанат да се противат на секакво итно проширување на Шенген.

На комплицираните парламентарни пресметки во Шведска треба да се додаде и неодамнешниот пресврт на левичарската опозиција, која до неодамна беше во владата и го поддржуваше проширувањето на Шенген.

– Крајно време е да посакаме добредојде, рече комесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон и самата од редовите на шведските социјалдемократи. „Тие три земји-членки заслужуваат во целост да се чувствуваат Европјани. Чекањето беше долго, додаде таа.

Компликациите со Шведска се надоврзуваат на долгогодишната резервираност изразена од холандската Влада и парламент во однос на Бугарија и Романија, поради проблемите со корупцијата и владеењето на правото, потсетува Фајненшл Тајмс, но додава дека и таму има напредок.

Романската влада се отвори за дополнителна контрола од страна на инспекцискиот тим кој вклучува холандски експерти, а комисијата вети дека ќе објави извештај за владеењето на правото и антикорупциските реформи во наредните недели, информира весникот, додавајќи дека и двете биле холандски предуслови.

Романскиот министер за надворешни работи Богдан Ауреску во Букурешт рече дека продолжува со дипломатските напори и со Холандија и со Шведска, додавајќи дека неговиот шведски колега го уверил во поддршката од неговата влада.

Поддршката за кандидатурата на сите три земји што ја изрази германскиот канцелар Олаф Шолц во неговиот августовски говор за Европа, исто така, ги оживеа надежите за одреден напредок на тој план.

Но, дали ќе биде доволно трите земји да се турнат на другата страна од линијата – сè уште не е јасно, оценува Фајненшл Тајмс и додава дека одлуката би можела да биде донесена на следниот совет за правда и внатрешни работи на 8 и 9 декември.