„Фајненшл тајмс“: Ќерката на шефицата на кабинетот на Трамп работи во фирма што лобира за Република Српска


Доналд Трамп и Сузи Вајлс во Белата куќа (Фото: АП)

Ќерката на Сузи Вајлс, шефицата на Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп, е партнерка во лобистичката фирма „Континентал Стратеџи“ која има договор со Република Српска вреден 35 илјади долари месечно, објави „Фајненшл тајмс“.

Фирмата тврди дека Кејти Вајлс не лобирала кај американски функционери во име на Република Српска, иако во август го посетила ентитетот поради друг деловен ангажман.

Сузи Вајлс во септември во Белата куќа се сретнала со Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството на БиХ, со која разговарала за состојбата во земјата и регионот. Од Белата куќа соопштиле дека средбата ја побарал Алекс Гарсија, партнер во „Континентал Стратеџи“ и регистриран лобист на Република Српска. Белата куќа тврди дека Сузи Вајлс не разговара со своите ќерки за деловни прашања.

Објавата следува по извештајот на „Њујорк тајмс“ дека соработниците на Трамп – Крис ЛаЧивита и Џејмс Блер, добиле стотици илјади долари за политичко советување на Република Српска пред неодамнешните избори. Трамп се огради од двајцата и изјави дека ќе ги отпушти доколку утврди судир на интереси.

Република Српска во изминатите две години потрошила стотици илјади долари за лобирање, меѓу другото и за укинување на американските санкции против нејзини политичари. Во октомври администрацијата на Трамп ги укина санкциите против Милорад Додик, поранешниот претседател на ентитетот кој повеќепати се залагаше за негово отцепување од Босна и Херцеговина.