„Фајненшел тајмс“: Жената што изјави „Скадовск е Украина“ јавно егзекутирана во регионот Херсон
Во градот Скадовск, кој се наоѓа во анектираниот дел на регионот Керсон, 56-годишната локална жителка, Татјана Мудренко, беше јавно егзекутирана откако била во конфликт со проруски полицајци. Ова го пренесува „Фајненшел тајмс“ повикувајќи се на сведочењето на очевидци и сестрата на починатата, Наталија Чернаја.
Мудренко наводно работела како медицинска сестра и активно протестирала против руската окупација. Еден од последните конфликти се случи на почетокот на октомври, кога таа ги караше украинските полицајци за соработка со руската војска и извика „Скадовск е Украина!
Набргу потоа, изјавија очевидци, жената и нејзиниот маж, 60-годишниот Анатолиј Орехов, биле приведени. На 15 октомври, Чернаја беше известена дека нејзината сестра е мртва. Соседите тврдеа дека на Мудренко ѝ „туриле нешто во уста“, а потоа ја обесиле пред зградата на судот. Орехов бил ослободен, раката му била скршена и се гледале траги од тепање. По погребот на Мудренко тој повторно исчезна.
Во потврдата за смртта на Мудренко, која ѝ била испратена на нејзината сестра, пишувало дека причина за смртта е „механичка асфиксија“, односно гушење предизвикано од компресија на дишните патишта.
Новинарите на „Фајненшел тајмс“ забележаа дека не можат самостојно да ги потврдат околностите на смртта на Татјана Мудренко, но претходно во средината на октомври, украинската група за човекови права Медиумска иницијатива за човекови права и публикацијата Censor.net објавија за нејзината смрт.