„Фајнанс тинк“ за извештајот на ЕК: Критички тон заради бавната реализација на клучните реформи во економијата


 

Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, според „Finance Think“, дава реална слика за македонската економија во постпандемискиот период и периодот на енергетска криза, но овојпат, како што посочуваат, поизразен е критичкиот тон кон клучните реформски приоритети кои се повторуваат во секој извештај поради бавната реализација или нивното одложување.

Според „Finance Think“, Извештајот ја нагласува потребата мерките за справување со последиците од енергетската криза да бидат таргетирани кон ранливите категории и кон компаниите.

– Нашиот неодамнешен приказ на мерките објавени во октомври 2022 укажува дека од 19 мерки во сила, само три може да се сметаат за таргетирани, а девет, иако го омекнуваат негативното влијание од енергетската криза, сепак се редовни мерки кои се применуваат и во нормални времиња и/или претставуваат законска обврска (како, на пример, редовните усогласувања на пензиите и социјалните помошти). Оваа неповолна слика за мерките за справување со енергетската криза целосно ја објаснува констатацијата од Извештајот според која: „недостатоците во планирањето, имплементацијата и мониторингот на мерките, како и нивната транспарентност и отчетност, влијаат врз нивната ефективност“ (стр.52), наведува „Finance Think“ во денешното соопштение.

Забелешка во Извештајот, како што посочува „Finance Think“ е и широкиот дијапазон на даночните ослободувања кој ги поткопува даночните приходи, а се дава и остра критика за отсуството на напредок во справувањето со сивата економија, поконкретно во спроведувањето на Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018-2022.

– Во Бриф за политиките бр. 58: Колкава е нашата сива економија? Како клучни економски политики се одразуваат врз неа? од март 2022 го третиравме прашањето на сивата економија во поширока смисла и најдовме дека најголемите удари (намалувања) врз неа биле зададени при намалувањето на даноците на доход во 2008 година и воведувањето на минималната плата во 2012 година, како и дека какви било придобивки од намалувањето на сивата економија не може да се одржат без робустно и непристрастно функционирање на институциите кои се надлежни за справување со неа. Притоа, укажавме дека без видливи резултати на полето на сивата економија, како што укажува и самиот Извештај, наметнување нови и повисоки даноци ќе биде само во полза на зголемување на сивата економија, велат од „Finance Think“.

Во извештајот, според „Finance Think“, се укажува дека државната помош доделена на компаниите преку Планот за економски раст, како главен инструмент за хоризонтална помош, е нејасна, а државата не спровела оценка на нејзиното влијание.

Извештајот за напредокот на Северна Македонија беше објавен вчера и е првиот извештај за земјава по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава.