Фајнанс тинк: Да се помогнат секторите и компаниите кои ќе го придвижат растот


Благица Петрески, основач и Извршен директор на Finance Think.

Фајнанс тинк препорачува да се води сметка за предизвиците кои значат справување со ковид кризата и во престојниот ребаланс на Буџетот да се алоцираат средства токму во тие пунктови и сектори каде е потребно да се инвестираат дополнителни средства, како и да се идентификуваат делови кои може да влијаат на развојот и да имаат поглем удел кон БДП.

– Во првиот ребаланс на Буџетот земајќи ја предвид новонастанатата состојба со коронавирусот, очекувано беше расходната страна да расте. Но, сметаме дека делот на кратење и непродуктивни трошоци не беше доволен во првиот сет на кратења, а истовремено забележавме кратења од некои есенцијални сектори, како што е образованието, каде во моментов се пред сериозни предизвици како да ја преадаптираат целокупната настава, изјави Благица Петрески од Фајнанс тинк во одговор на прашање пред почетокот на економскиот форум Општините и граѓаните кон подобар буџет „Мои пари моја одговорност“: Партиципативно буџетирање во општините.

Таа препорача исклучително да се внимава при трошењето на јавните средства и тоа во овој период да се прави во продуктивни цели, но и да се идентификуваат делови кои може да влијаат на развојот и да имаат поглем удел кон БДП.

– И за четвртиот сет на мерки бизнис секторот апелира дека и понатаму се потребни мерки за зачувување на работните места, но иако мерката за исплата на 14.500 денари по вработен се покажа како успешна и зачува 60.000 работни места се препорачува во новиот сет на мерки да биде многу потаргетирана и ефектите да бидат однапред пресметани и да се базираат на квантитативни податоци, рече Петрески.

Таа нагласи дека не чека уште една тешка година во која не само што треба да се размислува за зачувување на работни места, туку и да се води сметка и да се има план како да се ревитализира економијата.

– Затоа можеби еден од предизвиците на Владата ќе биде сет на мерки за оние сектори и компании кои може да бидат двигател на растот во периодот на ревитализација на економијата во следната година, посочи Петрески.