„Фајнанс тинк“: Капацитетот на мерките е солиден, да се поддржат извозните компании и капиталните инвестиции

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ во денешниот став за досега преземените мерки од страна на Владата за поддршка на стопанството, оценува дека повеќето забелешки што ги имале се имплементирани, иако кај повеќе мерки реакцијата не била доволно брза, или пак, не биле презентирани доволно убедливи информации за опфатот и трошокот на мерките.

Од „Фајнанс тинк“ велат дека и покрај солидниот капацитет на трите пакети економски мерки за апсорбирање на економските последици од корона-кризата, остануваат неколку клучни области за делување чиј фокус е на среден и долг рок. Притоа акцентот се става на реализацијата на капиталните инвестиции и поддршката на извозно-ориентираните компании.

„И покрај најавата за поголем интензитет за извршување на капиталните инвестиции, проблемите сврзани со нив од претходните 2-3 години укажуваат дека без системско решение за планирање, приоритизирање, техничка подготовка и ефикасна реализација, интензивирање на капиталните инвестиции ќе биде скоро невозможно во тековниот конктест. Владата пропушти добра шанса во претходната година да го смени моделот на планирање и извршување на капиталните инвестиции“, констатираат од „Фајнанс тинк“.

Во однос на поддршката на извозните компании, од таму велат дека тие не смеат да бидат надвор од вниманието на носителите на политиките, особено во поглед на нивниот потенцијал преку прилагодувања и брзи преструктуирања да освојат нови пазари или да бидат поттик за прилив на нови инвестиции.

Исто така, од „Фајнанс тинк “ укажуваат дека се добредојдени и мерки кои не се во директна врска со корона-кризата, но кои ја подобруваат конкурентноста на македонската економија.

„Ад-хок и директно поврзување со тековната корона-криза, како и наметнување без издржана кост-бенефит анализа и поширока општествена дебата, може да ги отвори прашањата за нивната ефикасност и оправданост на фискалниот трошок“, се вели во коментарот на институтот.

Од таму исто така велат дека е неопходно обезбедување ликвидност на буџетот и потсетуваат дека уште на 25 март укажале на потреба од „посветеност кон строга буџетска консолидација … преку итен и јасен ребаланс на Буџетот.“

„Ребалансот на Буџетот беше усвоен на 15 мај 2020, што претставува значајно задоцнување, во контекст на потребата ребалансот да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите непродуктивни трошења и трошења кои изгубија приоритет во контекст на кризната состојба“, велат од „Фајнанс тинк“ и додаваат дека за ребалансот на Буџетот ќе се произнесат штом тој ќе стане достапен за јавноста.

Исто така забележуваат тоа што Владата до сега не обезбедила странско приватно финансирање, но и дека ја оценуваат за соодветна операцијата со која Народната банка ги олабави условите за запишување благајнички записи и со тоа му остави простор на Министерство за финансии да се задолжи кај домашниот банкарски систем во износи поголеми од првично планираните.

„Во останатиот дел, средства беа обезбедени од странски концесионални кредитори, и тоа Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската Унија и сл. Сепак, проценуваме дека потребата од обезбедување понатамошно странско финансирање е особено висока, со цел да го осигура просторот за водење лабава монетарна и фискална политика“, оценуваат од „Фајнанс тинк“.