ФАЦ: Потребно ли е ново проширување на ЕУ?


Колку е сериозен процесот на проширување на ЕУ и дали земјите од Западниот Балкан треба да се надеваат дека тој ќе резултира со нивно полноправно членство. Оваа тема ја анализира германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг

 

„Дали Европската унија треба и натаму да расте или со оглед на својата внатрешна состојба е одамна преголема“, се прашува авторот на анализата во Франкфуртер алгемајне цајтунг под наслов „Или сепак не?“. Анализата е илустрирана со фотографија на македонскиот премиер Зоран Заев под која е текстот: „Сака внатре, но дали ќе може?“
ФАЦ потсетува кои балкански земји се надеваат на членство во ЕУ и додава дека францускиот претседател Емануел Макрон не е единствен кој смета дека реформите на ЕУ треба да имаат приоритет во однос на проширувањето, со аргумент: ако 27 земји-членки не функционираат добро, како би можеле 33 членки?
„Сепак, таквата скепска не менува ништо во тоа дека западнобалканските земји од сите страни се обиколени со држави членки на ЕУ, па Западниот Балкан останува географски внатрешен двор на Европа. Тоа што се случува таму, не само на балканската рута, не останува без последици врз остатокот од континентот. Какви се односите меѓу регионот и ЕУ и на кој начин можат да се обликуваат?“
Тоа прашање еднаш годишно го поставува Фондацијата Конрад Аденауер. Овојпат на дискусија во Берлин беа повикани ЕУ комесарот за проширување Оливер Вархеји, надворешно-политичкиот советник на Ангела Меркел, Јан Хекер, специјалниот претставник на Стејт департментот за Западниот Балкан Метју Палмер, дипломати акредитирани во Берлин, како и пратеници на демохристијаните во Бундестагот. Собирот, инаку затворен за јавноста, беше одржан непосредно по средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдула Хоти во Вашингтон и потпишувањето на договорот за економска соработка. Токму тој состанок, наведува ФАЦ, покажа дека нешто сериозни чкрипи во трансатлантските односи и дека САД и ЕУ веќе немаат „партнерски“ однос кога е во прашање Балканот.
„Во документот кој беше потпишан во присуство на Трамп, се зборува и за изградба на ’мировен автопат’ меѓу Белград и Приштина. Но тука не се работи за американски потфат, туку за европски проект кој се финансира со 235 милиони евра“.
Тоа го поставува и прашањето за уверливоста на ЕУ во регионот, пишува ФАЦ натаму.
„Пристапните преговори со Црна Гора и со Србија се влечат. Одлуката да започнат преговори со Северна Македонија и Албанија падна дури по пазарење кое, особено кога ќе се види што се стори Скопје како залог, дополнително ја загрози европската веродостојност во регионот. Преговорите речиси и да не можат да развијат трансформативно дејство, посебно во случајот на Србија која назадува во однос на демократијата и владеењето на правото“.
Фактор во губењето на веродостојноста на ЕУ беше и француската „нова методологија“.
„Дали е таа погодна да им се даде повеќе верoдостојност и елан на преговорите? Комесарот за проширување Вархеји се потруди да го пофали новиот пристап, но не можеше да ги оттргне сомнежите кај многу присутни, а особено во делот на аудиториумот од југоисточна Европа, дека сепак се работи само за козметика“, пишува ФАЦ.
Весникот го завршува текстот со оценка дека во главните градови на Западниот Балкан се почесто се слуша мислење дека проширувањето на ЕУ веќе не е сериозен процес.
„Доколку тој впечаток се засили, наскоро уште појасно ќе се постави прашањето, дали треба да се откажат од тоа. Но, што ќе се случува потоа?“ (Дојче веле)