Фабриката за правосмукалки од времето на Тито продадена за 3,3 милиони евра


 

Фабриката за уреди за домаќинство во стечај, „Слобода апарати“ од Чачак, Србија, продадена е како правно лице пред два дена.

Купувач, по цена од 390 милиони динари (3,3 милиони евра), стана тричлениот конзорциум што го сочинуваат Друштвата со ограничена одговорност за производство, трговија и услуги „Европа ЦБА“ од чачанската населба Љубиќ, кој е претставник на конзорциумот, потоа „Кит комерц“ од белград и чачанското претпријатие „Тргојуг“, се наведува во соопштенито за продажбата.

Почетната сума за наддавање беше 126,3 милиони динари (нешто повеќе од милион евра), што е половина од проценетата вредност, а на наддавањето учествувале шест заинтересирани купувачи со положена кауција.

Предмет на продажба беа 15 објекти како фабрички хали и деловни згради, потоа опрема и залихи, возила и побарувања по основ на откуп за 16 станови во општествена сопственост.

Истиот ден кога е одржано наддавањето, 25 мај, комисијата за спроведување на продажбата ја прогласи постапката за успешна.

Приватизацијата на „Слобода апарати“ почна во 2005 година и никогаш не беше спроведена, погоните беа затворени во 2008 година, а во 2018 година Стопанскиот суд во Чачак прогласи банкрот на претпријатието.

Инаку во времето на Југославија, немаше домаќинство кое немаше барем една правосмукалка од фабриката во Чачак.