Фабриката „Кромберг и Шуберт“ и Општина Битола заеднички градат градинка во поранешната касарна


Изградбата на градинката е веќе почната

БИТОЛА – Почна изградбата на новата градинка во населбата Златен рид во старата битолска Касарна финансирана од германската фабрика „Кромберг и Шуберт“ и Општина Битола. Ова ќе биде првата градинка во Битола после период од 30 години што ќе се гради нова од темел. Фабриката за производство на кабли за автомобили „Кромберг и Шуберт“ има значајно место во битолската економија, вработува над 6.000 битолчани и работници од околните пелагониски општини и Преспа.

Деновиве теренот се огради, се отпочна со копање на темелите. Постапка за реализација на комплетниот проект за градинката започна пред две години, пролетта 2019. 

При евалуацијата на проектите за нова детска градинка во населбата АРМ во Битола беше наведено дека „Проектот детска градинка во АРМ четврт-два, зафаќа површина на градежната парцела од 2.189 м2, додека површината на градба, предвидена за објектот детска градинка П+1, ќе зафаќа 1.618 м2.

Според плановите градинката ќе биде со полн капацитет и ќе се гради во две фази.

Целосната проектна документација беше одобрена од страна на Министерството за труд и социјална политика.

„Новата градинка во поранешната Касарна ќе биде со капацитет од 260 деца, 13 занимални и сопствена кујна. Ќе биде изградена по најсовремени стандарди со запазување на сите енергетско-еколошки стандарди. Првиот дел се гради со заеднички средства на Општина Битола и ‘Кромберг и Шуберт’, а првичната инвестиција е 400.000 евра, од кои половината ги обезбеди германскиот инвеститор. Вториот дел ќе биди комплетно финансиран од Општина Битола“, изјави Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.

Големи се очекувањата од изградба на новата градинка во поранешната Касарна во Битола, особено што ќе се намали бројот на деца кои чекаат за прием во постојните детски градинки.

Со години наназад родители реагираат дека тешко успеваат да ги згрижат нивните деца во градинките во Битола, бидејќи капацитетите се ограничени. Во изминатите години имаше периоди кога од 400 до 1.000 битолчани чекаа ред за нивните деца да бидат згрижени во некоја од градинките. За да се намали притисокот се отворија градинки и во села блиски до градот, како Кравари и Бистрица, но тие капацитети се мали, па проблемот да се згрижи детето во градинка останува за многу родители. (А.Б.) 

Новата градинка ќе биде супер модерна и ќе има капацитет за 260 деца со 13 занимални