Езерото „Младост“ станува прва иновативна туристичка дестинација во земјава


Со проектот за локална и регионална конкурентност со кој што се подобрува туристичката понуда, со вкупна вредност од речиси 1 милион евра, Езерото „Младост“ крај Велес станува смарт езеро коешто ќе биде прва иновативна туристичка атракција во земјава. Од вкупно 62 милиони денари, 55,5 милиони денари се грант, а останатите се обезбедени од општината.

„Со воведувањето на паметни елементи во опркужувањето на езерото како што е менаџирање со паркингот, детско игралиште, велосипеди коишто исто така се управуваат преку одредени паметни модели се олеснува менаџирањето со ваков тип на туристички локации коишто се многу значајни“, истакна вицепремерката Мила Царовска, која заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски и претставникот на Европската комисија, Никола Бертолини беше во посета на велешкото езеро. Таа изрази голема благодарност до Европската Унија и делегацијата во нашата држава коишто дадоа огромна поддршка за овој проект, како и на Светска Банка којашто е партнер за имплементацијата.

Министерот Манчевски истакна дека ова е извонреден пример како дигитализацијата, како интернетот на нештата може да се примени и во рурални средини и во туристички места, секаде онаму кадешто може да ги користиме придобивките од дигитализацијата. „Дел од овој проект се и елементи на паметно езеро, како што извести градоначалникот и имплементаторите на проекти тука ќе има паметни велосипеди, паметни клупи, паметен паркинг. Сето ова ќе им овозможи на граѓаните многу полесен начин да ги користат бенефитите на оваа туристичка атракција, што води кон главната порака на она што сакам да го кажам а тоа е дека точно е дигитализацијата помага  и во отворање на нови работни места и на справување со Ковид -19 и на зголемување и помагање на локалната економија, но ние мораме тоа да го правиме и на централно ниво“, трече Манчевски додавајќи дека државата и во иднина ќе инвестира во една национална платформа за паметни градови.

Преставникот од ЕУ, Бертолини истакна дека Европската Унија константно го помага регионалниот развој. 

„Овој проект е дел од многу интересна програма којашто овозможува многу проекти во целиот регион и е воедно директен одговор на последиците од кризата од пандемијата затоа што само со инвестиции и со кредибилитет државата ќе продолжи понатаму. Туристичкиот сектор кој беше најмногу погоден  од кризата може да смета на нашата поддршка”, рече Бертолини.

Градоначалникот Коцевски изјави дека во конципирање на проектот учествуваа сите фирми кои имаат свои фирми покрај крајбрежјето на езерото „Младост“, хотелите, рестораните, винариите и бродот којшто е лоциран на езерото „Младост“. 

„Очекувам преку овој проект да се создадат многу работни места. Езерото ‘Младост“ е вештачко, но е така добро склопено во просторот што претставува една целина. Езерото и без тоа е примамливо за туристи како од земјата така и од странство“, рече Коцевски. 

Досега преку ЛРЦП се потпишани договори за вкупно 61 проект, 25 се целосно реализирани, а 36 се во тек на реализација.

Меѓу позначајните проекти се: целосна реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, реконструкција и пренамена на стар објект во мултимедијален центар во Општина Вевчани, изградба на вештачка планинарска карпа и поставување на друга урбана опрема во Крушево, изградба на адреналински парк во Карпош и уште неколку други прокети со кои се придонесува за поголем и побрз развој на езерскиот, винскиот и екотуризмот низ државата.