Евтината дневна тарифа стартува на 1 декември од 13 до 15 часот, најмногу ќе се израдуваат пензионерите


Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска потврди дека евтината дневна тарифа почнува со примена од 1 декември и ќе биде во периодот од 13 до 15 часот. Во првите десет дена од месец декември најголем дел од потрошувачите, најголем дел од домаќинствата ќе имаат пристап на евтината тарифа, уверува Бислимоски.

„Нема никакви проблеми, евтината тарифа ќе биде воведена и тоа ќе биде одлична вест за граѓаните, а особено за пензионерите кои што во изминатиот период јасно и гласно кажаа дека таа многу им помага во нивниот стандард“, рече Бислимоски одговарајќи на прашања на новинарите дали навреме ќе заврши сетирањето на броилата, особено на оние кои што не се  дигитални.

„Нема отстапки, тарифниот систем е донесен уште во јули, објавен е во Службен весник, нема никакви измени, ќе стартува навреме и ќе функционира беспрекорно“, уверува Бислимоски.

Тој посочи дека има впечаток дека „оваа убава вест за воведување евтина дневна тарифа треба да се прикаже дека не е убава“.

„Во изминатиот период кога започна енергетската криза бевме на постојан удар, постојано слушавме дека цената ќе поскапи, 200,300, 500 отсто, па дека ќе нема струја, ќе нема парно, дека со дебалансите во системот сме краделе од европската мрежа, а на крајот излезе дека МЕПСО од целиот тој процес заработи 11 милиони евра… Значи, верувајте ѝ на Регулаторната комисија, многу пати до сега сме докажале дека тоа што сме го кажале и се реализирало“, рече Бислимоски.

Сепак, како што додаде, како ќе биде во наредниот период, не зависи само од РКЕ, зависи од многу други чинители, а она што може да преземе РКЕ како во случајот со парното, ќе преземе за да не дозволи ценовни шокови за потрошувачите.