Евровизиската „Стефанија“ доби воен спот од ужасите во Украина (видео)


Италија–  Украинскиот бенд Калуш Оркестар, свеж по победата на Евровизија, во неделата објави ново музичко видео на својот победнички хит „Стефанија“ во кој се прикажани сцени од опустошената Украина од војна и жени во борбена опрема. Престижниот музички натпревар добиваше сè повеќе политички тонови со оглед на руската војна.

„Вака денес ги гледаме украинските мајки“, рече фронтменот на Калуш, Олех Псиук за видеото, кое веќе собра милиони прегледи неколку часа по објавувањето. „Се обидувавме да ја пренесеме пораката за тоа како изгледа Украина денес“.

Видеото беше објавено неколку часа откако оркестарот Калуш и ја донесе на Украина третата победа на Евровизија, туркајќи ја Велика Британија на второто место во големото финале во пала Олимпико во Торино, благодарение на јавното гласање  од околу 200 милиони гледачи од 40 земји-учеснички. Победата ги поттикна украинските духови и претставуваше силна афирмација на украинската култура, за која Псиук рече дека е „под напад“ од руската инвазија.

Членовите на бендот се фотографираа и потпишаа автограми пред нивниот хотел со три ѕвезди во Торино во неделата, пакувајќи го сопствениот багаж во такси на пат до РАИ  за интервју пред да тргнат дома. Тие мора да се вратат во Украина во понеделник откако им беше дадена специјална дозвола да ја напуштат земјата за да присуствуваат на натпреварот; на повеќето Украинци меѓу 18 и 60 години им е забрането да заминат во случај да бидат потребни за борба.

Таа остра реалност создаде горчлив момент во неделата во Торино, кога вокалот на Калуш Саша Таб мораше да се збогува со сопругата Јулија и двете деца, кои избегаа од Украина пред еден месец и живеат со домаќинско италијанско семејство во блиската Алба. Таа и децата беа во хотелот на бендот и плачеше додека Таб ја држеше својата ќерка во раце пред да влезе во кабината.

Псиук со девојката Олесандра го напушта хотелот во Торино пред заминување за Украина

На Русија ѝ беше забранет настапот на Евровизија оваа година по нејзината инвазија на Украина на 24 февруари, потег што организаторите велат дека има за цел да ја задржи политиката надвор од натпреварот кој промовира различност и пријателство меѓу народите.

Но, политиката сепак влезе на Евросонг, при што Псиук го заврши својот победнички настап во неделата вечер со молба од сцената: „Ве молам сите вас, ве молам помогнете и на Украина, Мариупол. Помогнете му на Азовстал веднаш!“ рече тој, мислејќи на опколената фабрика за челик во стратешкиот пристанишен град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави победата, велејќи дека се надева оти Украина ќе може да биде домаќин на натпреварот следната година и предвиде дека „победничката акорд во битката со непријателот не е далеку“.

„Стефанија“ беше напишана од водечкиот пејач Псиук како почит на неговата мајка, но по инвазијата на Русија таа стана химна на татковината, со стихови кои ветуваат: „Секогаш ќе го најдам патот дома, дури и ако сите патишта се уништени .“

Новото музичко видео прикажува жени војници кои носат деца од бомбардирани згради, ги поздравуваат децата во засолништата и ги оставаат додека се качуваат на воз. Заслугите на видеото велат дека е снимено во градовите кои доживеале некои од најтешкото уништување на војната, вклучувајќи ги Буча, Ирпин, Бородјанка и Хостомел.

Видеото е јасно направено пред бендот да ја напушти Украина, бидејќи во него се појавуваат членови на бендот и – веројатно – актери кои настапуваат во урнатините.

„Посветено на храбриот украински народ, на мајките кои ги штитат нивните деца, на сите оние кои ги дадоа своите животи за нашата слобода“, се вели во него.

Украинците ја поздравија победата во неделата како многу потребно засилување, а националниот железнички оператор објави дека возот што минува низ Калуш, родното место на Псиук, ќе се преименува во „Стефанија експрес“.

„Секоја мала победа е важна за секој Украинец, за нашата Украина, за секој од нас“, рече жителот на Киев, Свитлана Некрутен.

Алберт Соколов, евакуиран од Мариупол, рече дека не се сомнева дека Украина ќе излезе како победник.

„Ја слушав оваа песна во Мариупол кога бевме бомбардирани, па бев сигурен дека тие ќе победат“, рече тој во неделата во Киев.

Оркестарот Калуш вклучува фолклорни експерти и меша традиционални народни мелодии и современ хип хоп во силна одбрана на украинската култура која доби дополнително значење бидејќи Русија лажно се обидува да тврди дека културата на Украина не е единствена.

Псиук, во неговиот заштитен знак со розова капа, рече дека бендот не се обидува да биде „кул“ со својот необичен спој на старото и новото, но дека јасно е дека го погоди акорд и најде широка  јавна поддршка што на крај и донесе победа на Украина.

„Не се обидуваме да бидеме како американски хип-хоп бенд“, рече тој. „Се обидуваме да ја претставиме нашата култура, малку измешана. (АП)