Андреа заминува за Торино – евровизиска забава во Скопје


Во организација на евровизискиот фан клуб ОГАЕ Македонија, утревечер во 21 часот традиционално ќе се одржи Евровизиска забава за испраќање на македонската делегација (Мери Попова, Александра Јовановска, Александар Масевски и придружните вокали Ана Петановска и рената Кралевска) и евровизиската претставничка Андреа  во Торино.

На забавата во пресрет на евровизискиот натпревар,  посетителите ќе уживаат во најголемите евровизиски хитови, победничките песни од изминатите години, како и песните на досегашните македонски претставници.  

Локацијата е Нано Бар во Дебар Маало, а влезот за сите евровизиски фанови е бесплатен.

Вечерва, во 20, 15 на МРТ, во емисијата „Стисни плеј“ гостинка на уредничката Александра Јовановска ќе и биде Андреа. 

Македонија ќе настапи во второто полуфинале,  во Пале Олимпико, на 12 мај, на Евросонг во Торино, Италија, а редоследот на настапи ќе биде одреден дополнително.

Во истата вечер со Македонија, ќе пеат и Србија, Црна Гора, Австралија, Грузија, Кипар, Финска, Азербејџан, Сан Марино, Израел, Малта, Романија, Чешка, Полска, Белгија, Естонија и Ирска.

Во првата полуфинална вечер на 10 мај ќе настапат претставниците на Албанија, Бугарија, Грција, Латвија, Швајцарија, Словенија, Молдавија, Украина, Литванија, Холандија, Норвешка, Русија, Португалија, Данска, Еврменија, Австрија и Исланд.

66-тиот натпревар, организиран од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и нејзината италијанска членка Раи, ќе се одржи во Пале Олимпико во Торино на 10, 12 и 14 мај 2022 година.
Италија го доби правото на настанот следната година кога Манескин и ја донесе првата победа на нивната земја од 1990 година со песната „Zitti e Buoni“ на ланскиот натпревар во мај во Ротердам.
Раи ќе биде домаќин на Изборот за песна на Евровизија по трет пат, откако претходно го организираше настанот во Неапол во 1965 година и Рим во 1991 година.

Младата, талентирана, пејачка Андреа Коевска е годинашната претставничка на државата за Евросонг со песната „Кругови”(Circles). Андреа свири пијано и гитара, студира на отсек соло пеење – популарни жанрови на Факултетот за музичка уметност-Скопје, а во јавноста е присутна околу две години.

Еден од најзаслужните за препознавање и поттикнување на развојот на нејзиниот талент и вокални способности е познатиот музички продуцент, Александар Масевски, благодарение на чија соработка излезе и синглот што ќе ја претставува РС Македонија на Евровизискиот натпревар во Италија. (Л.С.)