Евросонг: Мадона ќе слета со приватен авион, ама нема потпишано договор со ЕБУ


Израел – Поп-ѕвездата Мадона ќе слета во Израел денес со придружба од 135 луѓе, пред нејзините планирани перформанси за време на финалето на Евровизија в сабота вечер.

Но извршниот продуцент на Евровизија, Џон Ола Санд, рече дека нејзиниот настап сè уште не е потврден бидејќи Европската радиодифузна унија (ЕБУ) нема потпишано договор со нејзиниот тим.

Несогласувањата очигледно останале во врска со правата на ЕБУ за емитување на перформансите бидејќи Унијата бара да им бидат доделени целосни права на материјалите на сите мрежи на членките.

„Ако немаме потпишан договор, таа не може да настапи на таа сцена. Ние сега сме во фаза на преговори“, изјави Санд на прес-конференцијата вчера во „Тел Авив експо“.

Претходно, тимот за односи со јавност на Силван Адамс, канадско-израелскиот филантроп, кој наводно финансирал голем дел од надоместокот од 1,3 милион долари за Мадона и кој ѝ го позајмува неговиот приватен авион на поп-ѕвездата за доаѓање во Израел, изјави дека веќе се работи на подготовките за настапот на Мадона.

Даниел Бенаим, извршниот директор на групацијата „Комтек“, израелски продуцент на настани, кој ја раководи продукцијата на пејачката во Израел, во соопштението за медиумите изјави дека нејзината изведба е комплицирана со барања и стандарди слични на оние на другите меѓународни изведувачи.
Дел од опремата за сцената на која ќе настапува Мадона пристигна со товарен авион со 30 тони опрема, вклучувајќи 70 скали и лифт кои ќе бидат дел од сцената на Евровизија. Другите подготовки вклучуваат комплекс од шатори зад сцената за тимот на Мадона и четири целосни проби.

Придружбата на Мадона се состои од раперот Кову, хор од 40 луѓе, 25 танчари и десетици кореографи, постановки, осветлување и видео арт персонал за нејзиниот настап.

Адамс, кој живее во Израел од 2015 година и финансирал неколку големи проекти, вклучувајќи ја и трката со велосипеди „Големиот старт на Џиро ди Италија“, која се одржа во Ерусалим минатата година, рече дека е огромна чест да биде домаќин на Мадона за настапот на Евровизија.

„Годинешната, Евровизијата која се одржува во Тел Авив, го носи најголемиот музички натпревар во светот и возбуден сум што Мадона ќе биде овогодишно заштитно лице на Евровизија и ќе ги зголеми рејтингот, интересот и возбудата за она што се надевам дека ќе биде најуспешната Евровизија досега. Евросонг ги спојува земјите, како и културите, толеранцијата и пријателството преку музика, а Израел е совршен дом за домаќин на натпреварот и за унапредување на тие вредности. Верувам дека целиот Израел ми се придружува во моите желби и во посакувањето добредојде на Мадона, изјави Адамс.

Според локалниот промотор „Лајв нејшн“, цената од 1,3 милион долари за 15-минутната изведба на Мадона ќе биде платена од Адамс.

Мадона досега има трипати настапено во Израел: во 1993 година, 2009 и во текот на летото во 2012 година.

Како долгогодишен љубител на кабалата, Мадона во неколку наврати била на аџилак во Израел.