Евросонг: Гарванлиев може да пее идната година, ама со друга песна


Фото: Б. Грданоски

Доколку МРТ како активна членка на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) пак го номинира баритонот Васил Гарванлиев за македонски претставник следната година на Евросонг, ќе мора да се избере нова песна. Годинешната евровизиска „YOU“, на авторот Невенка Нешкоска, нема да биде отпеана во мај на евровизиската сцена во Ротердам, Холандија, зашто ЕБУ го откажа 65. издание заради коронавирусот.

Модерната песна со етно елементи, по изборот, беше промовирана во март пред македонската јавност заедно со спотот и ја слушнаа евровизиските фанови ширум Европа.

Фото: Б. Грданоски

Се уште е рано да се прогнозира дали Ротердам и идната година ќе биде домаќин на престижниот музички настан. Според челниците на Јавниот медиумски сервис на Холандија, ако се случи тоа, ќе бидат потребни дополнителни седум милиони евра за организација, што не е мала сума сега во услови на корона криза.

Изборот на песна за Евровизија кој беше создаден по Втората светска војна со цел да ги обедини нациите од Европа, разделени по катастрофалната војна,  повторно беше на голем тест, овојпат од пандемија која повторно ги раздели народите, терајќи ги да останат дома во изолација и да ги затворат границите.

Концертната сала „Ахој“ во Ротердам, во која во мај требаше да се одржи натпреварот за песна на Евровизија  сега е претворена во болница за лица заразени со коронавирусот во Холандија.

Гарванлиев, образованието по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската школа при Универзитетот на Торонто во Канада.

Прогласен за најмлад, но и еден од најбараните баритони во Канада, тој за време на својата дваесет и пет годишна кариера има испеано над 50 главни оперски улоги, меѓу кои се Дон Џовани, Фигаро, и Лепорело, и како солист во најеминентните фестивали во светот како Банф, Малборо, Бритен-Пеарс и Грахтен.

Во 2018 година, Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени.

Васил исто така минатата година беше дел од успешниот евровизиски тим во Израел во улога на придружен вокал на Тамара. (Л.С.)