Финале на ЕУРО2020 и финале во Вимблдон: Денес е голем спортски ден


Новак Ѓоковиќ  од 15 часот го игра финалето на Вимблдон против Италијанецот Матео Беретини. Ова е 20 Гренд слем за српскиот тенисер, а прв за Италијанецот. После тенисот, на распоредот денес е фудбалот затоа што 21 часот на Вембли Италија игра против Англија.

„Фудбал и тенис. Мама миа Италија, фантастично“- изјави Ѓоковиќ за италијански Скај.

Очигледно избра за кого ќе навива на овој фудбалски спектакл.

„Беретини нема многу што да изгуби против мене, но затоа Италија може многу да изгуби против Англија. Се надевам дека тоа ќе бидат два одлични натпревари и дека Италија ќе победи во тој вечерниот.“

Како што е познато Ѓоковиќ е фан на Милан, а за време на најсилниот бран на пандемијата од ковид 19, финансиски ја помагаше болницата во Бергамо.

Англичаните немаат европски трофеј во својата историја, а вечерва ќе го играат своето прво големо финале од 1966 година кога на истиот стадион ја освоија титулата светски првак.

Репрезентацијата предводена од Герет Саутгејт ќе се обиде да го повтори успехот на Италија од 1968 година, кога Азурите ја освоија својата прва и засега единствена европска титула, совладувајќи ја во финалето на домашен терен во Рим поранешна СФР Југославија.

Оттогаш, Италијанците уште два пати стигнаа до финалните натпревари на Европските првенства на кои беа поразени во 2000 и 2012 година.

Финалето од трибините на култниот „Вембли“ ќе го следат 60.000 навивачи, кои во огромно мнозинство ќе бидат Англичани.

Очекувани состави:

Италија – Донарума, Ди Лоренцо, Бонучи, Кјелини, Емерсон Барела, Жоржињо, Верати, Киеза, Имобиле, Инсиње.

Англија – Пикфорд, Вокер, Стоунс, Мегваер, Шо, Филипс, Сака, Маунт, Стерлинг, Кејн.