Европските земји ги затвораат границите поради корона вирусот


Фото: Б. Грданоски

Се повеќе европски земји поради ширењето на корона вирусот ги затвораат своите граници и најавуваат нови рестриктивни мерки во следните денови.

Македонската влада донесе одлука да се затворат граничните премини Џепиште – Требиште и Блато кон Албанија. На официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка стои соопштение во кое се информираат граѓаните дека Република Србија ги затвори граничните премини Прохор Пчињски и преминот кој припаѓа на територија на општина Крива Паланка, Голеш- Голема Црцорија.

Како дел од мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, граничните премини на албанско-црногорската граница „Муричан“ и „Вермош“ од синоќа во 21 часот се затворени.
Според Управата на граничната полиција, забраната за влез и излез на овие два премина ќе важи до следната одлука.
„Сите граѓани кои сакаат да патуваат кон Црна Гора или сакаат од територијата на Црна Гора да влезат во Албанија, дека црногорската страна забранува движење на граѓани и возила на граничните премини кај Муричан и Вермош поради Ковид-19“, се наведува во соопштението.
Нормален проток на патници и возила ќе има на „Хан Хоти“, третиот премин на албанско-црногорската граница.
Албанија од денеска ги затвора сите гранични премини и авиосообраќајот со Грција.
„Почнувајќи од 14 март од 10 часот се забранува влез-излез со Грција. Значи се забранува како авионскиот така и патниот сообраќај. Страв најмалку, внимание да“, напиша албанскиот премиер Еди Рама на Фејсбук.
Во Албанија досега потврдени се 33 случаи на заразени со новиот корона вирус, од кои 73-годишна жена во Драч почина.

Данска, Полска и Чешка го забранија влезот на своја територија за сите странци, а Прага им воведе забрана на своите државјани за излез од земјата.

Словачка ги затвори границите за сите странци, освен за Полска.

Австрија затвори три гранични премини со Италија за сите странски државјани, освен оние кои имаат лекарски наоди не постари од четири дена.

Украина ги затвори граничните премини за странци на две недели, а Унгарија границите со Австрија и Словенија.

Словенија затвори шест гранични премини со Италија. Суспендиран е и сообраќајот со автобуси и возови.

Романија ги затвори границите со Унгарија, Украина, Бугарија и Молдавија, а Албанија со Црна Гора и Северна Македонија, а од утре и со Грција.

Кипар, исто така, ги затвори границите, а влез во земјата во следните 15 дена ќе имаат само неговите државјани.

Србија затвори 44 помали гранични премини, забранет е влез за странски државјани кои доаѓаат од жариштата на корона вирусот. Исто така, забранет е влезот и за странски државјани кои преку Романија влегуваат во Србија.

Косовскиот Национален центар за менаџирање на границата објави дека е забранет влезот на граѓани и возила од Косово во Република Албанија, како дел од мерките за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.