Европските земји ги враќаат строгите епидемиолошки мерки

Голем број европски земји соопштија дека по зголемувањето на бројот на новозаразени, ќе воведат нови мерки за борба против ширењето на корона вирусот, што ќе вклучува ограничување на патувањето, порано затворање на барови и ресторани и ограничување на јавните собири.

Холандија усвои нови мерки откако бројот на нови случаи на корона вирус во вториот бран на епидемијата ги надмина рекордните бројки од април. Мерките ќе вклучуваат задолжително носење маски во Амстердам и другите поголеми градови, забрана за публика на спортски натпревари во следните три недели и затворање на ресторани и барови во 22 часот. Премиерот Марк Руте рече дека патувањата исто така ќе бидат ограничени и ги повика работодавците да организираат работа од дома за што е можно поголем број луѓе.

По зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19, Словачка го забрани одржување на повеќето културни и спортски настани. Премиерот Игор Матовиќ рече дека луѓето треба да носат маски, да избегнуваат семејни собири и да се држат на дистанца за да се избегне потребата од воведување нови ограничувања.

Велика Британија воведе нови ограничувања за собири во делови на североисточна Англија, поради зголемувањето на случаите на Ковид-19. Од утре, на жителите на седум области, кои вклучуваат урбани центри како Њукасл, Сандерленд и Дурам, ќе им биде забрането да се собираат во домови и да се дружат со лица од други домаќинства. Воведени се ограничувања во домовите, пабовите и рестораните, а луѓето кои не ги почитуваат новите мерки се соочуваат со можност за казни, објави Министерството за здравство.

Во Шпанија, на околу 1,1 милиони жители на Мадрид и околината им е дозволено да ја напуштат својата населба само поради неопходни нешта, како на пример одење на работа, откако вчера мерките за контрола на коронавирусот беа проширени на дополнителни делови од градот. Досега, со мерките се погодени 850.000 жители на југ и југоисток, претежно населени со работници и имигранти, а од вчера наутро се додадени дополнителни 167.000 жители, исто така на југоисток. На жителите на овие населби им е дозволено да излегуваат надвор само кога одат на работа, во болници, училишта, по судови или да се грижат за лица кои зависат од нив. Влегување во тие населби е исто така забрането без валидна причина. Полицијата повремено запира возила и проверува документи со адреса на жителите, па многумина носат потврда од фирмата кога одат на работа. Во случај на неоправдан излез и влез, предвидени се казни од 600 евра.

Бројни региони во Италија најавија построги мерки на отворено за да се спречи ширењето на корона вирусот. Сицилија објави дека сите странски патници ќе мора да бидат тестирани при пристигнувањето и ќе мора да се јават на лекар. Од утре задолжително ќе се носи маска во јавност за лицата над шест години. Мерките ќе бидат во сила најмалку до 30 октомври. – Со пристигнувањето на сезоната на грип, влегуваме во деликатна фаза на епидемијата, рече претседателот на тој јужен италијански регион, Нело Мускумечи.

Минатата недела јужниот италијански регион Кампанија воведе мерка за задолжително носење маски во јавност, која ќе трае најмалку до 4 октомври. Маски мора да носат и жителите на северозападниот пристанишен град Џенова. Во Италија, маските се задолжителни во продавниците, возовите и другите затворени простори во најпрометните периоди.

Од Ковид-19 досега во светот починаа 1.000.010 лица, пробивајќи ја новата психолошка граница во пандемијата што ја уништи глобалната економија, преоптовари здравствени системи и го смени начинот на живот.

Врз основа на септемврискиот просек, за 24 часа во светот од Ковид-19 умираат повеќе од 5,4 илјади луѓе, односно 226 лица во еден час или секои 16 секунди умира по еден заболен од оваа болест.