Европските социјалисти во Европскиот парламент бараат да не се отвораат нови поглавја со Србија пред обнова на демократијата


Групата социјалисти и демократи (С&Д) во Европскиот парламент (ЕП) оцени дека новиот српски парламент е „исмејување на демократијата“ и ги повика земјите-членки на ЕУ да не отвораат нови поглавја во преговорите за пристапување сè додека не се воспостави „доволно ниво на демократија“ во Србија.

Потпретседателот на втората најсилна група во ЕП, Кати Пири, рече дека вчерашните избори во Србија „не биле репрезентативни“ и изјави дека стравува оти нема да спречи „понатамошно еродирање на владеењето на правото“, се вели во соопштението на веб-страницата С&Д.

„Ова не треба да биде можно во земја што е кандидат за членство во ЕУ. Ја повикуваме Европската комисија, која спроведува преговори за пристапување, вистински да анализира што е погрешно и да донесе заклучоци“, рече Пири, потпретседател на С&Д за надворешни работи.

Таа додаде дека Брисел не треба да отвора нови поглавја со Србија пред да бидат решени „големите проблеми со состојбата на демократијата во таа земја“.

„Минимумот е дека се потребни слободни медиуми и разновиден парламент во кој е претставена опозицијата. Бев шокиран што еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи не кажа ниту еден збор за овие проблеми во синоќешната изјава, ниту за барањето на опозицијата изборите да бидат одложени за подоцна“, рече Пири.

Портпаролот на С&Д во Комитетот за надворешни работи на ЕП, Тонино Пицула, рече дека групата ќе одржува блиски контакти со сестринските партии во Србија кои ги бојкотираа изборите, додавајќи дека тие „никогаш не се за бојкот и сметаат дека политичката дебата треба да биде во парламентот“.

„Сепак, со бојкотот на водечките опозициски партии и неуспехот на која било листа на опозицијата да влезе во парламентот, и покрај намалувањето на праготна три проценти непосредно пред изборите, српскиот парламент ја изгуби улогата на законодавното тело што го претставува целото српско општество“, рече Пицула.

Тој изјави дека „Европската народна партија (ЕПП), која со години го штити претседателот (на Србија) Александар Вучиќ, додека ја свртува земјата кон автократија, во голема мерка е одговорна за моменталната состојба во Србија“. Српската напредна партија на Вучиќ (СНС) е придружна членка на ЕПП.

„Ја повикуваме ЕПП конечно да го разгледа членството на партијата на Вучиќ“, додаде Пицула.

Пратеничката на С&Д, Тања Фајон, претседателка на Делегацијата на ЕП за односи со Србија, рече дека по вчерашните избори „нема повеќе парламентарна опозиција“ во Србија и оцени дека тоа „ја доведува во прашање легитимноста на целата работа на новиот парламент“.

„Нивото на демократија во Србија значително се намали по изборите, а да не зборуваме за ситуацијата со слободата на медиумите“, рече Фајон.

Таа изјави дека поради пандемијата на вирусот корона, испратена е само ограничена мисија за набудување на ОБСЕ и дека ЕП не можеше да испрати своја.

„Домашните набудувачи забележаа изборни нерегуларности во пет проценти од избирачките места, што е повеќе од процентот на нерегуларности на парламентарните избори во 2016 година и претседателските избори во 2017 година“, додаде Фајон.

„Како еден од медијаторите во меѓупартискиот дијалог на српските парламентарци за изборните услови, можам да кажам со жалење што и покрај нашите напори, условите не беа доволни за главниот дел од опозицијата да учествува на изборите. Мора да најдеме нови методи за да ги вклучиме во нова рунда од нашиот меѓупартиски дијалог“, рече Фајон.

Според досега обработените податоци, само три листи го помина прагот на вчерашните парламентарни избори во Србија: коалицијата околу СНС, сојузот на Социјалистичката партија на Србија и Обединета Србија и листата СПАС на Александар Шапиќ. Коалицијата околу СНС ќе има двотретинско мнозинство во новиот парламент. (АП)