Европските социјалисти ја суспендираа партијата Смер на Роберт Фицо, заедно со Хлас


Новата владина тројка: Петер Пелегрини, Роберт Фицо и Андреј Данко

 

Партијата на европските социјалисти во четвртокот ја суспендираше партијата Смер на Роберт Фицо, која победи на изборите, и партијата Хлас  на Петер Пелегрини, кои во средата објавија дека формирале влада во Словачка.

„Овој чекор е преземен по јасната дивергенција од вредностите на семејството на ПЕС што ги демонстрираше лидерот на Смер-СД, Роберт Фицо. И дополнително, како резултат на загриженоста покрената по најавата за владина коалиција меѓу Смер, Хлас и радикално-десничарска партија“, се вели во соопштението за печатот.

Претседателството на ПЕС го објави ова еден ден откако двете партии објавија договор за формирање владејачка коалиција во Словачка, заедно со десничарската популистичка Словачка национална партија.

Стефан Левен, претседателот на ПЕС и поранешен премиер на Шведска, се закани дека ќе го протера Фицо во интервју за шведските медиуми пред изборите поради неговата популистичка наклонетост. Смер веќе беше привремено суспендиран во 2006 година, откако формираше влада со екстремната десница.

Според СиД, бирото на групата ќе се состане во вторник во Стразбур за да разговара за суспендирање на нејзините тројца словачки европаралемнтарци од нивната група. „Неодамнешните јавни коментари и позиции преземени од лидерите на партиите Смер и Хлас во врска со руската војна против Украина, миграцијата, владеењето на правото и заедницата ЛГТБК предизвикаа сериозна загриженост и немаат место во прогресивното семејство“, се вели во соопштението за печатот на групата.

Смер доби 23 отсто на изборите на 30 септември, додека Хлас заврши на третото место со 14,7 отсто. Изборот на трикратниот поранешен премиер Фицо го вклучи алармот во Брисел, откако тој објави дека Словачка ќе ја прекине воената поддршка за Украина, ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија. Смер, од своја страна, вели дека ќе продолжи да ја поддржува Украина со финансиска и хуманитарна помош и останува партија посветена на членството во ЕУ и НАТО.