Европските лидери можеби нема да расправаат за проширувањето следната недела


Сосем веројатно дека пандемијата на корона вирусот ќе го претвори самитот на европските лидери следната недела само во расправа за заедничката борба против Ковид-19. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во вторникот вечерта објави дека видео конференција следната недела (наместо да се свикуваат во Брисел за редовно закажаниот самит), ќе има стеснета агенда агендата, која ќе биде стеснета за да се фокусира на напорите за одговор на пандемијата

Мишел ја најави оваа промена на планот по најновата видео конференција на шефовите на држави и влади на ЕУ, на која тие се согласија да одобрат вонредни гранични мерки, вклучително и 30-дневна забрана за патници од надвор од ЕУ. Мерките имаат за цел да го забават ширењето на вирусот.

Дигиталниот весник „Политико“ јавува Мишел се надевал дека и покрај кризата со Ковид-19 ќе ги собере европските лидери во Брисел за редовно закажаната средба на 26-27 март. Но, бидејќи голем дел од ЕУ сега е во вонредна состојба и различно ниво на блокада за да се забави ширењето на вирусот, станало јасно дека таквата средба не може да се одржи.

„Ќе се состанеме повторно следната недела како видео конференција“, рече Мишел. „Европскиот совет што требаше физички да се одржи во Брисел во четврток и петок нема да се случи“.

Официјални лица изјавија дека агендата ќе биде стеснета за да се фокусира речиси целосно на одговорот на коронавирусот, а другите теми треба да бидат преиспитани подоцна, но се знае точно кога.

Во среда амбасадорите на ЕУ треба да разговараат за можните измени во правилата и процедурите на Советот што ќе овозможат да се носат правни решенија од далечина, потенцијално националните лидери и владини министри да гласаат преку телеконференција. Во моментов, водачите или министрите мора да се состанат лично, или мора да донесат одлуки преку посложена писмена постапка.

На самитот во март, водачите на ЕУ требаше да расправаат за повеќе теми, вклучително и економијата на Унијата и дигиталните теми, како што се 5Г и вештачката интелигенција. Тие, исто така, требаше да разговараат за започнување на разговори за членство со Северна Македонија и Албанија по извештаите на Европската комисија, но исто така да одржат „широка стратешка дискусија“ за односите со Кина. Сето ова сега изгледа дека е одложено на неодредено време.  (Н.В.)