Европскиот ракометен трон повторно е „црвено-црн“: Вардар до втора титула во ЛШ!
Македонскиот шампион Вардар е нов европски ракометен шампион.
Екипата на Роберто Гарсија Парондо забележа победа во финалето на „Ф4“ во Келн против Веспрем со 27:24 (16:11).
Играчите на Роберто Парондо играа одлично во првото полувреме, сосема спротивно од вчерашниот прв дел против Барселона кога „црвено-црните“ губеа со седум гола, но на крајот сепак успеа да слави огромна победа.
Вардарци прикажаа атрактивна и течна игра во првото полувреме што произведе водство од пет гола разлика.
Со самиот почеток на второто полувреме Веспрем се обиде да го ископира рецептот на Вардар, успеа да намали на два гола разлика, но Вардар набрзо се консолидираше.
Избраниците на Парондо имаа проблеми со играта во првите 20 минути од вториот дел, а Веспрем успеа да дојде и на еден гол разлика.
Сепак, кога беше најважно, во последните десет минути, Вардарци се консолидираа и набрзо дојдоа до три гола разлика. На теренот владееше голема нервоза, имаше голем број на исклучувања и седмерци, но Вардар сепак успеа со убедливи 27:24 да дојде до огромна победа, спротивно на сите очекувања и вторпат во три години се искачи на европскиот трон.