Европскиот парламент „длабоко жали“ што Србија не воведува санкции за Русија

Европскиот парламент ги пофали земјите од Западен Балкан кои дадоа поддршка на осудата на руската инвазија на Украина


Володимир Зеленски денеска имаше емотивно обраќање до Европскиот парламент

 

Европскиот парламент длабоко жали за непочитувањето на санкциите на ЕУ против Русија од страна на Србија и посочува дека непочитувањето на надворешната политика на ЕУ му штети на процесот на пристапување на Србија во ЕУ, се вели во нацрт-резолуцијата за Украина што треба да се гласа подоцна во вторникот во Европскиот парламент.

Нацрт-резолуцијата за руската агресија врз Украина, до која дојде „Еурактив“, повторува дека се очекува земјите кандидати да се усогласат не само со acquis communautaire, туку и со нивната заедничка надворешна и безбедносна политика.

Европскиот парламент со голема загриженост ги забележува постојаните напори на Руската Федерација за дестабилизација на земјите од Западен Балкан и попречување на нивните демократски процеси, се вели во текстот.

Парламентот ги осудува оние кои изразија поддршка за Русија по нејзината агресија врз Украина и ја пофали поддршката на земјите од Западен Балкан, кои се евроатлантски сојузници.

Резолуцијата остро ја осудува руската воена агресија врз Украина, како и вмешаноста на Белорусија, и ја повикува Москва веднаш да ги прекине сите воени активности, да ги повлече воените и паравоените сили и опрема од целата меѓународно призната територија на Украина.

Од Русија се бара целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина во нејзините меѓународно признати граници.