Европскиот глад за гас ќе ја направи Катар најбогата земја во светот?


 

Извозот на блискоисточната држава Катар оваа година ќе надмине 100 милијарди долари.

Претстојното Светско првенство во фудбал ќе го подигне меѓународниот престиж на Катар, но забрзаното барање алтернативни добавувачи на гас за ЕУ може оваа блискоисточна држава да ја зацврсти на листата најбогати земји во светот.

Како што наведува „Блумберг“, неколку високи функционери на Европската Унија во последните неколку недели ја посетија катарската престолнина Доха, а сите имаа јасна порака – ни треба вашиот гас, што е можно побрзо.

Корист од Мундијалот

Прва мразот го проби Германија која ги упати совите енергетски компании да почнат да ги договараат условите за испорака на гас со катарските добавувачи. Фокусот на катарскиот гас особено е зајакнат овие денови, по сопирањето на испораката на рускиот гас за Полска и Бугарија.

Ако се суди според податоците за првото тромесечие, катарскиот извоз на енергенти оваа година треба да надмине вредност од 100 милијарди долари, по прв пат од 2014 година. Тоа за тамошните лидери ќе значи поголеми можности за вложување на светските берзи (и посредно остварување на надворешнополитички цели) низ државниот инвестициски фонд вреден 450 милијарди долари. Притоа, Доха од Мундијалот оваа година очекува економска корист од 20 милијарди долари. Сето ова дополнително ќе ја збогати една од најбогатите земји во светот.

Стопанството вредно 200 милијарди долари оваа година би требало да порасне за дополнителни 4,4 отсто, најмногу од 2015 година, покажуваат проценките на американската банка Ситигруп, пренесе Пословни дневник.

Во земјата каде живеат 3 милиони луѓе БДП по глава на жител треба да достигне речиси 80.000 долари, близу Швајцарија или Кајманските Острови. Се работи за голем економски пресврт на таа мала држава на арапскиот полуостров.

Имено, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и нејзините сојузници потрошија три години за Катар економски да го уназадат поради неговите врски со регионалните исламистички групи и Иран. Потоа изби пандемијата од корона вирус која силно ја спушти цената на енергенсите, забрзувајќи го за некои неизбежниот тренд на напуштање на фосилните горива и преминот на чиста енергија. Потоа, организациите за заштита на човековите права предупредија на лош третман на странските работници кои ги градеа стадионите и инфраструктурата за Светското првенство. Само во 2020 година најмалку 50 работници загинаа на тие градилишта.

Но, денес економскиот бојкот на арапските соседи е завршен, а цените на гасот во Европа се на рекордни нивоа. Катарскиот владетел, емирот Тамим бин Хамад Ал Тани, е баран човек и во Европа и во САД. На јануарскиот состанок во Белата куќа на кој се разговараше за „осигурување стабилност на глобалното снабдување со енергија“, претседателот Џо Бајден рече дека Катар „е најважен сојузник надвор од НАТО“.

Истовремено траат тензиите меѓу САД и до сега најважниот сојузник во тој дел на светот, Саудиска Арабија, поради одбивањето заедно со ОАЕ да го подигне производството на нафта и така да придонесе на пад на цената. Треба да се нагласи дека Катар 2021 година покрена 30 милијарди долари вреден проект со кој до 2027 година би извезувал 60 отсто повеќе гас. Пред избивањето на војната во Украина дел од аналитичарите ја доведуваа во прашање исплатливоста на таа инвестиција. Но, сега, побарувачката е толку голема што катарската влада најави дека може да изгради уште еден таков терминал.

Во моментот во Катар не може да се произведе доволно гас за да се задоволат европските потреби.

Странските економски набљудувачи сега го поставуваат прашањето што ќе направи Катар со тие пари. Упатени извори тврдат дека добар дел од парите ќе бидат влеани во државниот инвестициски фонд. Тоа би му овозможило на фондот, кој е веќе голем акционер во  компании како „Волксваген“ и британската банка Барклис, како и вложувач во њујоршки и лондонски недвижнини, да го забрза вложувањето во технолошките компании.

Но, Катар новостекнатото богатство може да го искористи и за финансирање политички цели во регионот.