„Европскиот фронт“ поднесе интерпелации за тројца министри
Интерпелации се поднесени за Изет Меџити, Иван Стоилковиќ и Панче Тошковски, како и за неговиот заменик Астрит Исени. Сѐ е поврзано со инцидентите околу македонското знаме и палењето на имоти во Куманово
Дури за тројца министри и еден заменик-министер пратеничката група на „Европскиот фронт“ поднесе денеска барања за интерпелација во Собранието. Заедно со тоа опозициската коалиција поднесе барање и на наредната седница на парламентот на дневен ред да биде ставена информација безбедносната состојба во земјата.
Интерпелации се поднесени за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и за неговиот заменик Астрит Исени.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети на денешната прес-конференција рече дека тие бараат информации за безбедносната состојба во земјата во последниот период, хронолошка детална информација за настаните во Куманово, особено во врска со палењето на деловни објекти во овој град и нападите врз имотите на граѓани од албанска етничка припадност, спроведените мерки и истраги за расветлување на настаните кои доведоа до палење на македонското знаме поради нивното можно влијание врз меѓуетничките односи.
Пратениците од „Европскиот фронт“ бараат и одговори за протоколи во случаи на селективно постапување од страна на службени лица од МВР, како и за предвидените механизми за надзор врз работата на безбедносните служби особено во вакви сензитивни ситуации, отчетност за преземените но и непреземените мерки.
Образложувајќи зошто се поднесени интерпелациите за министрите, Беџети рече:
„Изет Меџити како вицепремиер во оваа влада е одговорен за лошото управување со состојбите кои се случуваат во државата, вклучително и меѓуетничките односи. Наместо да дејствува како гарант на меѓуетничкиот мир и интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедница и да придонесе за зачувување на социјалната и меѓуетничката хармонија. Напротив, толерираше дискриминација, селективна правда од страна на надлежните органи и молчеше за повторените неправди што ги трпе оваа заедница“.
Тој нагласи дека министерот Тошковски и неговиот заменик Исени, на денот на празникот на албанското знаме ѝ наредиле на полицијата на неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
„Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова неменаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик“, рече Беџети.
Според него, не е уапсено лицето кое запалило албанско знаме.
Интерпелацијата за вицепремиерот Иван Стоилковиќ ја поднесуваат поради тоа што непостапувал и не се изјаснил во врска со неодамнешните настани во Куманово, кога изгореа неколку возила и продавница на Албанци. Стоилковиќ во својство на вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, вели Беџети, не успеал да ја почитува и спроведе официјалната употреба на албанскиот јазик.
На прес-конференцијата тој исто така кажа дека деновиве Владата создава клима на тензии, недоверба и нетрпеливост меѓу етничките заедници во државата и оти намерата била јасна а тоа е да се обвинат Албанците за дестабилизација на државата. Беџети изјави дека дестабилизирана Северна Македонија е во директен интерес на Русија, која сака да ја поткопа стабилноста на Западен Балкан и да ги запре на интегративните процеси на ЕУ.
„Русија ја продолжува својата агенда за да го задржи влијанието во регионот. Присуството на луѓе како Стоиљковиќ познат по врските со Путин и Вулин, на високи позии во актуелната власт е јасен доказ за инфилтрирањето на оваа агенда во државните структури“, рече Беџети.
Од друга страна, смета тој, дестабилизацијата им служи и на интересите на самата оваа влада, која не е во состојба да го спроведе она што е клучно за продолжување на евроинтеграцискиот пат, а тоа се уставните измени кои се неопходни за да се придвижи земјата напред во процесот на интеграцијата во ЕУ.
– Соочена со своите неуспеси, власта се обидува да создаде вештачка, но опасна криза, обидувајќи се да ја префрли вината на Албанците и да ги претстави како одговорни за дестабилизацијата на државата. Ваквиот пристап е опасна игра, која не само што ги нарушува меѓуетничките односи, туку ја поткопува и стабилноста на земјата и на целиот регион, рече Беџети.
Албанците, како што потенцира, биле и остануваат столб на стабилноста и развојот на Северна Македонија.
„Албанците немаат интерес за дестабилизација. Напротив, ние отсекогаш сме биле силата што ги туркала напред евроатлантските процеси и демократскиот развој на државата. Секој обид да се вклучат и обвинат Албанците за дестабилизирачки сценарија не само што е неправеден, туку и опасен“, рече Беџети.
Веднаш по оваа прес-конференција владејачката коалиција „Вреди“ преку соопштение ги отфрли барањата за интерпелации како неодговорен однос кон граѓаните.
„Ова е класичен предвидлив чекор на ДУИ кој следува после оркестрираното и организирано нарушување на мирното славање на 28 ноември од страна групи блиски до ДУИ и Артан Груби. Креираа проблеми и сега вината ја префрлуваат на друг. ДУИ ги организираше проблемите и инцидентите“, велат од „Вреди“.
„Интерпелацијата треба да ја поднесе во ДУИ против лицата блиски до Артан Груби кои ги организираа инцидентите и ја нарушија свечената и убава прослава на Денот на албанското знаме“, нагласуваат од коалицијата.
Потоа го обвинуваат Блерим веџети дека бил „мирен и послушен министер на Груевски“ и дека заедно со Сашо Мијалков бил главен кадровик во правосудството.